Уште тројца вработени во „Идризово“ се суспендирани за бегството на убиецот Мемети
Уште тројца вработени во затворот „Идризово“ се суспендирани поради спектакуларното бегство на затвореникот Беким Мемети, кој додека беше транспортиран од болница ги нападна чуварите и успеа да им избега, изјави денеска в.д. директорот на Управата за извршување санкции, Јовица Стојановиќ, во емисијата „Топ тема“ на ТВ „Телма“.
Со ова бројката на суспендирани се зголемува на седум, откако е направена детална анализа поврзана со бегството на Мемети.
Два и пол часа се проверувал видео надзорот во Идризово, вели Стојановиќ. Тој самиот бил дел од поставувањето на камерите и точно знаел што се гледа, а потоа имало уште четири часа дополнителна анализа со вработените и разговори со сите кои вечерта биле на смена.
„Новите тројца суспендирани не се одговорни само за бегството, туку и за функционирањето на целата зграда“, вели Стојановиќ.
„Што точно се случило, не би знаел да кажам, но затворот е добро обезбеден со камери, ѕидови, жици и единствен начин да се излезе е со медицинска помош или со поддршка на дел од вработените“, вели Стојановиќ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа