Тутунарите обвинуваат дека откупувачите не им го примаат тутунот, Инспекторатот вели досега нема пријави за неправилности

 

Тутунарите обвинуваат дека откупувачите не сакаат да им го преземат родот. Ако на 15 декември, на почетокот на откупната кампања, производителите не дојдоа на пунктовите, сега тие обвинуваат дека фирмите не сакаат да го преземат родот на оние кои дошле да го предадат и без разлика дали е старата цена или не, мора да стигнат до парите за да платат обврски.

-Некаде на откупните пунктови во Прилепско се носи тутун, некаде не се носи. И тој што е донесен, не се откупува. Од откупувачите со образложение - така ни е наредено. Ги прашувам Министерството за земјоделство и Земјоделскиот инспекторат зошто не се купува тутунот и ако се купува, по која цена? Јас лично денеска однесов 17 картони со тутун, но не ми го купуваат ниту „Секе“ компанијата ниту „Алијанса“ од Кавадарци, со образложение дека им рекле да не купуваат тутун. Го повикувам Земјоделскиот инспекторат да излезе на терен. А луѓе имаат обврски, зеле кредити, им требат парите. Дали вака или онака, ќе го дадат родот, изјави Злате Дамески, претседател на прилепското тутунско здружение „Мице Козар“.

- Бараме одговори ама нема. Освен тоа имаме повереници на сите ваги во откупните пунктови. Кој ќе ги плати поверениците. Дневно се потребни околу 5000 евра за да се исплатат, вели Гоце Јончески, тутунопроизводител, член на тутунското здружение „Мице Козар“ од Прилеп.

И во Долненскиот регион, велат од здружението „Златен лист“ не се откупува. - Не се откупува и во Долненско. Луѓе носат тутун, ама ниту по стара, ниту по нова цена се купува. Го замолувам Земјоделскиот инспекторат да излезе на терен. Предлагам да се повлечат поверениците, вели Муса Ибраимоски од тутунското здружение „Златен лист“ од Долнени.

Од Асоцијацијата на земјоделци и фармери на Република Северна Македонија бараат да се огласи Министерството за земјоделство и Инспекторатот да излезе на теренот. Тутунарите остануваат на ставот за повисоки цени.

- Чудно е тоа што се случува меѓу откупните претпријатија и зошто не купуваат тутун. Инспекторатот ако е на терен ќе утврди дека откуп не се врши, без разлика дали е донесен тутун за купување. Овие загуби за плаќање на поверениците, а нема откуп, да ги преземат откупните претпријатија, а не земјоделските здруженија, изјави Перо Стојкоски, претседател на Асоцијацијата на земјуоделци и  фрармери на Република Северна Македонија.

Во Земјоделскиот иснпекторат досега нема пријава за неправилности во откупот.

-До нас како Инспекторат нема стигнато пријава за неправилности и ги охрабруваме тутунарите да го сторат тоа. Од официјалниот почеток на кампањата, во земјава се купени незначителни количества, вели јане Станкоски, директор на Државниот земјоделски инспекторат.

Годинашнава реколта е преполовена, иако квалитетна. Се проценува на 13-тина илјади тони.

18.12.2023 - 15:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега