Тројца повредени во сообраќајка во центарот на Скопје
Три лица се повредени во тешка сообраќајна несреќа која вчера вечерта, околу 21:55 часот се случила на крстосницата од булевар Св. Климент Охридски, улица Митрополит Теодосиј Гологанов и улица Димитрие Чуповски во Скопје. Во сообраќајката учествува товарно возило Пежо Боксер со скопски регистарски ознаки, управувано од Н.Е. (59) од Скопје, и патничко возило Мерцедес со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.И. (47) од село Волково, скопско.
Според информациите од полицијата, во незгодата се здобиле со телесни повреди двајцата возачи и уште една сопатничка во товарното возило, Ф.Е. (46) од Скопје. Повредените биле пренесени во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ и во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде што им била укажана медицинска помош.
„На местото на настанот беше извршен увид од страна на увидна екипа од СВР Скопје, а истрагата за причините за несреќата е во тек“, соопштија од полицијата.
Сообраќајот на оваа фреквентна крстосница бил привремено пренасочен, но ситуацијата била нормализирана по завршувањето на увидот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа