Трговската војна ескалира: Трамп воведува царини до 245% за Кина
Трговската војна меѓу двете најголеми светски економии нагло ескалира. Белата куќа објави дека Кина сега може да биде погодена со царини од дури 245 отсто за извозот во САД, како резултат на нејзините „одмазднички мерки“, пренесува Анадолија.
Ова е највисоката царинска стапка досега спомната, која е наведена во документ штотуку објавен, заедно со извршната наредба потпишана од американскиот претседател Доналд Трамп. Регулативата најави истрага за ризиците за националната безбедност на САД поради зависноста од увоз на преработени критични минерали и сродни производи.
На денешната прес-конференција портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Лин Џијан беше прашан за тарифната стапка од 245 проценти. Тој одговори дека „за конкретни бројки, треба да контактирате со американската страна“, објави кинескиот државен весник „Глобал тајмс“.
Трамп претходно воведе основна царина од 10 отсто на увозот од сите земји, но привремено ги замрзна дополнителните „реципрочни“ царински стапки, кои требаше да се одредуваат поединечно по земјите во зависност од бариерите што ги поставуваат за американските производи.
Единствената земја изземена од таа пауза е Кина, која сега се соочува со дополнителен бран царини. Администрацијата на Доналд Трамп претходно ги предупреди земјите да не возвраќаат на американските царини, велејќи дека оние кои ќе се воздржат од одмазда ќе бидат наградени во идните трговски преговори.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа