Тренчевска: Заедно можеме да овозможиме потешко вработливите лица да бидат поконкурентни на пазарот на труд
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска се сретна со претставниците Петрица Дулгеру, извршен директор на мрежата РЕДИ, Кристина Маријан, директорка за партнерства во РЕДИ, Асиб Зекир, директор на РЕДИ за рециклирање и зелени иницијативи и независниот експерт, Мила Царовска.
Разговорот на почетокот од средбата беше со акцент на минатогодишните достигнувања како резултат на соработката на Министерството за труд и социјална политика и РЕДИ. Во текот на 2021 и 2022 година беше спроведена Програмата за Дигитализација и формализација. Беа спроведени обуки со цел 50 бизниси раководени од Роми да се трансформираат од традиционален бизнис во дигитален бизнис.
Министерката Тренчевска за време на средбата истакна дека потребно е ранливите категории на граѓани особено на невработените да им се овозможат услови за преквалификација и полесно вклучување на пазарот на трудот.
Состанокот беше затворен со потврдување на заложбите за нови зелени работни места како и потребата од зелена економија. Присутните се согласија дека токму лицата кои имаат помали шанси за вработување треба да бидат дел од зелената агенда на Владата на Република Северна Македонија како и на Здруженијата кои се занимаваат со ова прашање во државата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа