Тошковски на терен со полициските службеници: За една седмица лишени од слобода 67 лица

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, вчера, ги посети пунктовите на полициските службеници што учествуваат во рамките на оперативната акција со зголемено присуство на полицијата за безбеден град Скопје, а го посети и мониторинг-системот „Безбеден град“ во рамките на оперативната акција за бескомпромисна борба против сите видови криминал и нарушување на јавниот ред и мир како во градот Скопје така и во целата држава, извести МВР.

Министерот Тошковски уште еднаш потенцира дека никој нема право да ги нарушува мирот и спокојот на граѓаните, без разлика дали се работи за сообраќајни прекршоци, нелегална трговија со дрога и оружје, вандализам итн. Законот важи еднакво за сите и сите оние што ќе го прекршат, ќе ги сносат последиците за своите постапки.

Во рамките на акцијата за враќање на безбедноста во град Скопје, до сега, од нејзиниот почеток на 24.8 до 1.9.2024, полициските службеници во рамките на своите надлежности извршиле преглед на 987 лица, 452 патнички моторни возила и мотоцикли.

Притоа лишени од слобода се 67 лица. Од нив, 40 лица по член 215 од Кривичниот законик. Четири лица се приведени поради кршење на Законот за оружјето. Полициските службеници пронашле и лишиле од слобода седум лица барани по потерница и седум лица барани по други членови од Кривичниот законик.

Министерот Тошковски со полициските службеници разговараше и за проблемите со кои се соочуваат на терен, како недостиг на материјално-технички средства, и ги информира дека раководството на Министерството работи интензивно на создавање услови за обезбедување на сите неопходни средства, како нови униформи, возила за ефикасност во обезбедување на безбедноста на сите граѓани, соопшти Министерството.

 
02.09.2024 - 12:53

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега