Таравари влегува во трка за шеф на државата: Време е за претседател Албанец, не технички, туку вистински

Дојде време државата да има претседател Албанец не технички, туку вистински, истакна претседателот на Алијанса на Албанците и градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари кој денеска ја најави својата кандидатура за шеф на државата.

Таравари ќе биде кандидат на Европскиот сојуз за промени во кој во моментот се Демократско Движење на Изет Меџити, Алтернатива на Африм Гаши и Движењето БЕСА на Биљал Касами.

Таравари вели дека Хипократовата заклетва која ја положил кога станал доктор е неговата водилка и во претседателската трка.

-Кога дипломирав за доктор јас положив Хипократова заклетва. А за мене најважен дел од заклетвата беше кога кажав дека свечено се обврзувам дека мојот живот ќе го ставам во служба на хуманоста. Ова ветување ме следи во секоја година и ден од мојата работа и ова ветување нека биде мојот мотив во оваа трка. Навраќајќи се на мојата заклетва кога ја добив титулата лекар се обврзав дека во извршувањето на мојата професија нема влијае религијата, националноста, расата, политиката или класните припадности. Сакам овие зборови добро да ги запаметите, бидејќи тие ќе ја изразуваат суштината на моето ветување и задачата која еден претседател треба да ја има кон луѓето во нашата држава, рече Таравари.

Прашан за најавите за негово разрешување од позицијата претседател на Алијанса на Албанците, Таравари вели дека има поддршка од мнозинството делегати во Собранието на партијата.

-Внатре во партијата секогаш има разногласие и ништо лошо во тоа. Меѓутоа, јас ја гледам поддршката и во Централното собрание на партијата кај што сме 60:40, а тоа Собрание јас го наследив. Во членството исто така е некаде 60:40, меѓутоа кај народот е 90:10. Ние со г. Села можеме да го убедиме нашето членство, меѓутоа гласачот и граѓанинот да го убедиш дека треба да ѝ помогнеме на ДУИ сега мислам дека е контраверзно и нема да се прифати и ако одевме ние со ДУИ ќе нѐ саботираше гласачот. А нас ни треба кредибилитет да се вратиме на тоа како што почнавме пред 10 години. Почнавме како фракција од ДПА која што имаше за задача да ги донесе промените во албанскиот блок. Бидејќи не можеме сами, тоа е очигледно, имаме партнери со коишто веќе во сабота ќе имаме конечен договор и заедно со нив ќе ја донесеме долгоочекуваната промена во албанскиот политички блок, вели Таравари.

15.02.2024 - 10:43

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега