Таравари: Не верувам дека постои здравствен работник којшто би бил подготвен да повреди дете од три месеци

Министерот за здравство Арбен Таравари се уште го чека извештајот од Комисијата формирана на универзитетската Клиника за детски болести по повод случајот со тримесечното бебе со модринки по телото на оваа клиника, за што вчера само бил брифиран од новоназначениот директор на таа Клиника Реџеп Мемеди.

-Јас вчера бев брифиран од директорот на Клиниката за педијатрија дека случајот е разгледан, разговарано е. Според него, повеќе е невнимание од сестрите со бебе кое што било немирно, меѓутоа не сакам дефинитивно да кажам оти немам писмено испратено. Меѓутоа, преземени се одредени дисциплински мерки и медицинскиот кадар треба да биде многу внимателен со сите пациенти без разлика на етничката припадност, а посебно со децата. Јас се надевам дека мерките што ќе ги преземе Комисијата заедно со директорот ќе се ефектуираат, а ако се повтори повторно, јас мислам дека тогаш веќе веднаш треба да се исклучи медицинскиот кадар. Некакви докази дека намерно тоа е направено нема, така што, јас кажав и на почетокот – да бидеме внимателни да ги слушнеме и двете страни. Не верувам дека постои здравствен работник којшто би бил подготвен да повреди дете од три месеци. Да бидеме внимтелни. Очекувам писмено да ги прочитам сите констатации од Комисијата од Клиниката за педијатрија па повторно ќе ве известам, рече Таравари во Собранието во изјава за медиумите каде учествуваше на седница на собраниската Комисија за здравство.

Прашан за кого се води дисциплинска постапка во врска со случајот, тој рече дека таа е покрената за две лица, од кои една е медицинска сестра.

– Најверојатно за медицинска сестра и некој од болничарите. Меѓутоа, повторно не сум сигурен. Очекувам писмено да ми бидат испратени. Вчера бев брифиран само од директорот. За медицинската сестра знам сигурно, но за вториот не знам кој е, појасни Таравари.

Тој увери дека бил правилен неговиот потег без да се спроведе ваква постапка и проверка да го посети семејството на тримесечното бебе.

-Апсолутно, јас ќе продолжам, ќе го посетувам секој пациент којшто ни пишува и лично и веќе знаете вибер и вацап што имаме во Министерството за пријавите во Министерството за здравство. Ние треба да постапуваме, да бидеме секогаш со пациентите, меѓутоа и со здравствените работници, така што ќе продолжам и понатаму. Освен трите или четири мобилни екипи сигурно ќе бидам присутен и јас на секој настан кај што гледам дека има некаква или сигурна неправилност од медицинскиот персонал или сомнеж за нерегуларно работење на медицинските работници, порача министерот Таравари.

По објавување на случајот, на Детската клиника била формирана Стручна комисија која треба да ги утврди сите факти во врска со овој случај и да открие дали модринките по телото на тримесечното бебе се последица на нехумано третирање или пак на неговата специфична здравствена состојба.

Семејството на тримесечното бебе обвини дека медицинска сестра од Детската клиника насилно постапувала со бебето поради етничка нетрпеливост. Од Здружението на медицински сестри апелираа да не се фрла сенка врз професијата и да не се генерализира, и нагласија дека очекуваат надлежните да излезат со вистински аргументи и факти за случајот. 

16.07.2024 - 13:18

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега