Судски совет им го врати ударот на судиите кои не му веруваат: Интегритетот им е доведен во прашање
Алармантен податок е дека ниту судиите не веруваат во судството односно Судскиот совет, смета Сашко Георгиев, претседател на ова тело. Лично ги слушнал резултатите од анонимната анкета. Им замери на колегите кои учествувале во неа и посочиле дека Судскиот совет е подложен на влијанија, бидејќи истите не ги пријавиле. Им порача дека ако немаат доверба во советот, тогаш да пријават во другите институции.
„Лично јас бев присутен на оваа трибина. Го слушав тоа. Тоа било за 2022 година. Тука беше наведено дека за некои влијанија од претседатели на судови, од повисоки судови, па и од членови. Сето ова е за мене податок на кој му давам значење. Ги охрабрувам и повикувам судиите, кои биле анкетирани, пријавиле анонимно дека имале влијанија и притисоци од членови на Судски совет, претседатели на судови, слободно нека пријават. Како порака до колегите судии – ги охрабрувам дека таквата состојба е алармантна, се согласувам. И ако ја чувствуваат, има Обвинителство, слободно нека пријават“, рече Георгиев.
Новинарите му посочија претседателот дека судиите не можат да пријават во Судскиот совет бидејќи во него има влијанија, тој е оцрнет и не му веруваат.
„Можат да пријават во Обвинителство, во други надлежни институции. Во секој случај нека пријават, па да видиме како ќе постапиме. Ако не постапиме, тогаш одговорноста е на Судскиот совет, немам дилема“, додаде Георгиев.
Тој го доведе во прашање интегритетот на судиите, кои пак, се избрани од Советот со кој тој раководи.
„Се доведува во прашање интегритетот на судиите. Тие анонимно пријавуваат аномалии, а од друга страна да не ги истакнат ваквите аномалии, сами на себе си препишуваат дека немаат доволно храброст. Нека пријават со име и презиме, а не вака, анонимно.. Треба точно да се знае“, посочи претседателот на Судски совет.
Недоверба во Судскиот совет, но и во Советот на јавните обвинители, гледаат најголем дел од 212 испитани судии и 83 обвинители, кои одговарале на анонимни прашалници од Мисијата на ОБСЕ. Од судиите било побарано да оценат 36 потенцијални ризици, од кои 18 надворешни и 18 внатрешни ризици, а од јавните обвинители да оценат 35 потенцијални ризици, што имаат влијание врз потопувањето и непристрасноста на судиите и јавните обвинители врз основа на критериуми, искуство, односно присуство на самата појава и ефектот што таа ја предизвикува во нивното работење.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа