Судиите од Тетово во одбрана на судијата кој пресуди 2 години за смртта на Теодора: Повеќе не можеше

 

 

Судиите од тетовскиот основен суд застанаа во одбрана на судијата Ељведин Ферати кој пресуди 2 годишна затворска казна за смртта на Теодора Ристевска.

„ Судиите на Основниот суд Тетово постапиле исклучиво согласно пропишаните законски норми и поради тоа АПЕЛИРАМЕ до сите чинители во општеството,  да се воздржат од неоправдани коментари, и да не се користи ова пресуда за неосновани напади на судиите, стигматизирање и јавен линч на судиите кои постапувале во конкретниот предмет, заради постигнување на други цели, бидејќи на тој начин се нарушува угледот на судиите, се задира во независноста на судството и се повредува функсионирањето на владеењето на правото како основна демократска придобивка.“ – се вели во соопштението на Подружницата на Судиите од Основниот суд во Тетово.

Во своето соопштение тие целосно ја објаснуваат постапката која довела до пресудата.

  “Истакнуваме дека ОЈО Тетово поднесе обвинителен предлог КО бр.172/23 од 06.06.2023 година, против обвинетиот М.П. од с.Г.Речица за кривично дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ по чл.300 ст.4 в.в. со чл.297 ст.3 в.в со ст.1 од КЗ. Основен суд Тетово со Пресуда К.бр.436/23 од 30.11.2023 година, обвинетиот го огласи за виновен и осуди на казна затвор во траење од 3 (три) години и 6 (шест) месеци.По поднесена Жалба од страна на обвинетиот Апелациониот суд Гостивар со Пресуда КЖ.бр.64/24 од  16.04.2024 година, ја преиначил првостепената пресуда во делот на казната со тоа што истата ја намалил и обвинетиот го осудил на казна затвор во траење од 2 (две) години.

                Врховниот суд на Република Северна Македонија постапувајќи по барањето за вонредно преиспитување на правосилна пресуда на осудениот, донесе Пресуда КВП 2 бр.106/24 од 25.12.2024 година со која барањето на осудениот го уважил и Пресудите на Основниот суд Тетово и Апелациониот суд Гостивар ги укинал и предметот го вратил на повторно судење на Првостепениот суд.

                По враќање на предметот во Основниот суд Тетово, истиот е распределен на друг судија бидејќи судијата кој претходно постапувал по предметот замина во пензија. Во повторената постапка, на одржаната главна расправа на ден 07.04.2025 година, откако обвинетиот дал признание на вина судот  донел и јавно ја објавил Пресудата со која обвинетиот е огласен за виновен за сторено кривичното дело од „небрежност“ „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ по чл.300 ст.4 в.в. со чл.297 ст.3 в.в со ст.1 од КЗ и го осудил на казна затвор во траење од 2 (две) години.

                Судијата при одмерување на казната за обвинетиот ги имал во предвид како отежнувачките така и олеснувачките околностите, и тоа: начинот на кој е сторено кривичното дело, кривичната одговорност на обвинетиот, неговиот однос во судницата, околностите поврзани за видот, карактерот, тежината и сериозноста на кривичното дело, условите на патот, околноста дека покојната коловозот го поминувала на обележан пешачки премин, штетните последици кои настанале како резултат на инкримираното дејствие, околноста дека законските застапници на покојната се приклучиле кон кривичен прогон и истакнале имотно правно барање, околноста дека обвинетиот признал вина, изразил жалење за настанот, дека порано обвинетиот не бил осудуван и не се води постапка за друго кривично дело.

                Ценејќи ги сите околности, судијата, во повторената постапка, обвинетиот го осудил со максималната дозволена казна затвор, имајќи ја во предвид забраната за менување на полошо (Reformatio in peius) како начело предвидено во ЗКП,  во ситуација кога по барање на обвинетиот Врховниот суд ги укинал пресудите и предметот го вратил на првостепениот суд на повторно одлучување и поради оваа забрана новата пресудата  не смее да се измени на штета на обвинетиот ниту во однос на правната квалификација на делото, ниту во однос на кривичната санкција“ – се вели во соопштението.

Премиерот Мицкоски побара Судскиот совет да ја преиспита оваа пресуда.

 

10.04.2025 - 11:55

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега