Субвенционираната струја ги преполови сметките на прилепски водовод, бараат дозвола за фотоволтаици

 

Прилепски „Водовод и канализација“ за околу 50 насто ги намалува месечните сметки со користењето субвенционирана струја. Тоа овозможи сметките за граѓаните да се вратат на старо, од пред поскапувањето од 20 насто.

Игор Гулабоски, директор на „Водовод и канализација“ – Прилеп вели дека се задоволни зашто ќе немаат долгови, и ќе ги сервисираат навреме обврските

– Ја добивме сметката со субвенционирањето и е околу еден милион и 300 000 денари. Без субвенционирање, просечно би била околу 3 милиона денари. Субвенционирани се мерните места кои трошат струја за пумпање на водата, а најголем потрошувач, со 80 насто, е пречистителната станица. Ова субвенционирање овозможи, со одлука на советот на Општината, да се вратат сметките за граѓаните пред поскапувањето од 20 насто, изјави Гулабоски.

Најголемиот потрошувач на струја, пречистителната станица, веќе е во функција за производство на струја од метанот што се испушта. Засега се покриваат од 12 до 15 насто од трошоците.

– Наша намера е до крајот на оваа година преку производството на струја од метан, трошоците да ги покриваме со 20 насто. А идеално би било да стигнеме и до 50 проценти, да ја преполовиме сметката на овој начин. За тоа ќе треба да инвестираме околу 500 000 евра, објаснува Гулабоски.

Прилепското водоводно претпријатие бара државата да дозволи да ја прошират дејноста за поставување фотоволтаици за да произведуваат струја за сопствените потреби.

– Бараме, како и другите претпријатија, да се промени законот со кој не ни е дозволено да ја прошириме дејноста. Законот е од пред 10-тина години. Така, уверувам, би произведувале само за нашите потреби, да ги покриваме трошоците, а не за корист на претпријатието. Имаме проект за производство на 540 киловати со што би ја преполовиле сметката на пречистителната станица која е најголем потрошувач на струја. Комуницираме со институциите и се надеваме дека ќе наидеме на разбирање. Субвенционираната струја е до крајот на април. Не се знае што потоа. Ние сакаме долгорочно да го решиме ова прашање, вели Гулабоски.

27.01.2023 - 15:29

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега