Студентите во Атина на нозе - си протестираат со земјоделците и пчеларите
Учениците и студентите во Атина денеска одржаа нов, седми по ред, протест против предлог- законот за отворање приватни факултети, а пред грчкиот Парламент „се сретнаа“ и си дадоа меѓусебна поддршка со пчеларите, кои од утрово протестираат против зголемените трошоци за производство, јави дописничката на МИА од Атина.
Студентите, како и секој четврток, така и на денешниот протест побараа од Владата да го повлече предлог-законот за отворање приватни факултети, кој паралелно денеска ќе биде доставен во Парламентот.
Масовниот протест заврши мирно, а главната порака на студентите уште еднаш беше дека високото образование мора да остане државно и бесплатно, но и дека не смее дипломите од државните универзитети да бидат со иста вредност со оние од приватните.
Кога студентите пристигнаа пред Парламентот беа поздравени од пчеларите кои од рано утрово протестираа за да ги истакнат нивните проблеми, односно зголемените трошоци за производство и против увезениот мед што се продава како домашен.
Студентите ги поздравија со слогани дека заедно со земјоделците и пчеларите се обединети во еден глас.
Протестите на студентите започнаа на почетокот на јануари, откако грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис соопшти дека создаваат рамка за конечно во Грција да функционираат непрофитни, недржавни високообразовни институции и веќе речиси два месеца се одржуваат секој четврток.
Портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот редовен брифинг со новинарите рече дека предлог-законот денеска ќе биде доставен во Парламентот, објаснувајќи дека ги предвидува условите за основање недржавни, непрофитни претставништва на странски универзитети во Грција, „со најстроги критериуми од која било друга земја во Европа“.
Паралелно посочи дека во моментов на универзитетите во странство студираат 40.000 грчки студенти, бројка која е многу поголема отколку во другите земји.
- Овој предлог-закон е реформа која има за цел да им овозможи на идните грчки студенти да студираат од нашата земја на универзитет во странство, привлекување странски студенти и научен кадар, репатријација на грчки научници и отворање нови работни места, објасни Маринакис.
Недржавните и непрофитни универзитети се очекува од септември 2025 година да почнат со работа во земјата, а приемот на студентите ќе се врши исклучиво преку државните испити.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа