„Стандард и Пурс“ го потврди кредитниот рејтинг на земјава – ББ со стабилен изглед
Агенцијата за кредитен рејтинг „Стандард и Пурс“ го потврди кредитниот рејтинг на земјава, ББ- со стабилен изглед. Стабилниот изглед, како што е нотирано во извештајот на Агенцијата, се должи на проактивното креирање политики на Владата за ублажување на кризата произлезена од руско-украинската војна. Агенцијата ги истакнува и напорите на Владата во насока на зајакнување на системот на јавни финансии, како што е новиот Закон за буџети којшто предвидува реформи во насока на буџетското планирање и контрола на реализацијата.
– Задржувањето на кредитниот рејтинг во континуитет и покрај ефектите од руско-украинската војна, енергетската и ценовната криза е од исклучително значење, бидејќи претставува позитивен сигнал и јасен показател за довербата на инвеститорите во политиките што се водат во земјата, велат од Министерството за финансии.
Во извештајот се оценува дека земјава ќе ги надмине влијанијата од конфликтот во Украина и дека се очекува растот на економијата да зајакне во 2023 година, по прогнозираното забавување на растот во 2022 година.
– Инфлацијата ќе опаѓа како што се намалуваат ценовните притисоци, се вели во извештајот, во кој се додава дека ризиците произлегуваат од руско-украинскиот конфликт и дека напредокот во процесот на ЕУ интеграцијата е основа за структурен и институционален развој што би ги поддржале економските перспективи.
Од „Стандард и Пурс“ за дефицитот посочуваат дека тој во 2022 година ќе изнесува 5,1 проценти со постепена консолидација во наредните четири години. Зголемувањето се должи на потребата да се обезбедат средства за нови антикризни мерки за заштита на стандардот на граѓаните и подобрување на животниот стандард, повисоки пензии, ликвидност на стопанството, субвенции во земјоделскиот сектор.
Од Агенцијата наведуваат дека нето-приливот на странските директни инвестиции останува висок и изнесува 100 милиони евра само во првиот квартал од годинава. Дополнително, како што се вели, Владата на Северна Македонија има за цел да ја зачува атрактивноста за странските директни инвестиции, а неодамна најави отворање на прва високотехнолошка економска зона-Скопје III.
Кредитниот рејтинг на една земја го покажува степенот на ризик од инвестирање во неа и е еден од клучните индикатори што потенцијалните инвеститори ги земаат предвид при носење на нивните одлуки.
Кредитниот рејтинг ББ- со стабилен изглед, државата во континуитет го има од 2013 година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа