Средба Спасовски – Нешиќ: Односите меѓу двете земји во делот на безбедноста се на исклучително високо ниво

 
 
Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски оствари работна средба со делегација на Министерството за безбедност на Босна и Херцеговина, предводена од министерот за безбедност, Ненад Нешиќ. На средбата фокусот беше ставен на унапредувањето на меѓусебната соработка и продлабочување на пријателските врски меѓу македонското Министерство за внатрешни работи и босанското Министерство за безбедност. „Особено ми е драго што можам да констатирам дека односите меѓу нашите две земји и регионалната соработка се на едно исклучително високо ниво.

Нашата досегашна одлична соработка како на политичко така и  на оперативно ниво се темели на веќе потпишаните Договори меѓу Владите на нашите две земји за заемно признавање и замена на возачки дозволи, соработка во борбата против тероризмот, организираниот криминал, нелегалната трговија со наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори, нелегалната миграција како и преземање на лица со незаконски престој, кои несомнено се од големо значење за Република Северна Македонија и за Босна и Херцеговина“,  истакна на средбата меѓу другото министерот Спасовски, информирајќи го притоа министерот Нешиќ за операционализацијата на Договорот помеѓу ЕУ и Република Северна Македонија за оперативна соработка во управувањето со границите со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража -ФРОНТЕКС.

Министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, Ненад Нешиќ  изрази задоволството што Босна и Херцеговина и Република Северна Македонија немаат отворени прашања, одлично соработуваат како две пријателски земји и тоа и во иднина ќе го негуваат. При тоа беше побарано од  министерот Спасовски да ги сподели искуствата поврзани со работата на граничната служба, борба против криминалот и корупцијата, како и внатрешната контрола. Министерот Нешиќ изрази подготвеност за влез во регионалната иницијатива Отворен Балкан, со цел да нема задржување на границите и да тече слободниот проток на граѓани.

Делегацијата  на Министерството за безбедност на Босна и Херцеговина, предводена од министерот за безбедност, Ненад Нешиќ утре ќе присуствува на свеченоста по повод  Денот на Специјалната антитерористичка единица ТИГАР.

 
12.03.2023 - 13:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега