Според календарот на МПЦ, утре се празнуваат овие светители

 

Стефан Немања, голем владетел на српскиот народ, бранител на Православието, истребител на ересите. Беше прво крстен во латинската црква, но подоцна се ослободи од неа и стана член на православната Црква. Кога ја утврди државата и православната вера во неа, тогаш по примерот на својот син Сава прими монашки чин во манастирот Студеница во 1195 година и го доби името Симеон. Неговата жена Ана исто така прими монашки чин, го доби името Анастасија и се повлече во женски манастир. По две години монаштво во Студеница Симеон замина на Света Гора. Овде се насели прво во манастирот Ватопед заедно со Сава. Таткото и синот ги минуваа ноќите и деновите во молитва. Изградија таму шест параклиси: на Спасителот, на Бесребрениците, на Св. Георгиј, на Св. Теодор, на Св. Јован Предвесник и на Св. Николај. Ги купија урнатините на Хилендар и изградија прекрасен манастир, во кој Симеон поживеа само осум месеци па се упокои. Кога беше на издивнување, според неговата желба Сава го положи на рогозина. Со очите управени кон иконата на Пресвета Богородица со Спасителот, блажениот старец ги изусти овие зборови: „Всјакое дихание да хвалит Господа!“ И се пресели кај Господ на 13 февруари 1200 година.

Тропар

Просветувајќи се со божествената благодат, и по смртта покажувајќи ја светлината на твојот живот, точиш благоухано миро на оние кои притекнуваат кон кивотот на твоите мошти. Луѓето твои си ги упатил кон светлината на богопознанието, Симеоне оче наш, моли Го Христа Бога да ни дарува милост голема.

Преподобен Мартинијан

Житието на овој светител е чудесно и прекрасно. Што с ? не претрпе за да ги исполни Господовите заповеди! Во својата осумнаесетта година се оддалечи во планината наречена Ковчежна во Кападокија и таму поживеа дваесет и пет години во пост, молитва и бденија и во борби со многу искушенија. Кога дојде да го искушува една жена а тој виде дека ќе падне во грев со неа, скокна бос во оган и стоеше внатре додека болката не му навре солзи на очите и не уби во него секаква похот. Кога надојдоа други искушенија тој побегна на една осамена карпа сред морето и таму живееше. Но кога при еден бродолом и на оваа карпа доплива една жена, тој скокна во морето за да се удави, но го дочека еден делфин и по Божја Промисла го изнесе на грб на брегот. Тогаш реши повеќе нигде да не се населува трајно, а постојано да патува. Така за две години измина сто шеесет и четири града, исправајќи ги и советувајќи ги луѓето. Најпосле пристигна во Атина и таму се упокои во 422 година.

Тропар

Пламенот на искушенијата си го угаснал со течението на твоите солзи, блажене, и морските бранови, и нападите на ѕверовите скротувајќи ги, си повикувал: Препрославен си, Сесилен, Кој од огнот и бурата ме спаси.

Светите Зоа и Фотинија

Зоа беше најпрво развратна жена и искушувачка на Св. Мартинијан, па кога го виде овој испосник како скока во оган за да убие секакво сладострастие во себе, таа горко се покаја, отиде во еден манастир во Витлеем, каде што јуначки се подвизуваше како испосничка и затворничка. Кога ги покаја своите гревови доби од Бога дар на чудотворство. Света Фотинија морската бура ја исфрли на островот на којшто се беше осамил Св. Мартинијан. Тој веднаш се оддалечи од островот, а Фотинија се упокои таму во пост и молитва.

Свети апостоли Акила и Прискила

Еден од Седумдесеттемина апостоли. Како Евреин живееше најнапред во Италија со жена му Прискила. Кога царот Клавдиј нареди да се протераат Евреите од Рим и од Италија, тогаш Акила се пресели во Коринт, каде што првпат го запозна апостолот Павле, кој остана во неговиот дом една и пол година и го крсти него и жена му. Горејќи од ревност за верата Христова Акила и Прискила го придружуваа Павле во Ефес и му помагаа во апостолското дело. Од Ефес Павле го напиша своето Прво послание до Коринтјаните, во кое при крајот вели: „Ве поздравуваат многу Акила и Прискила со својата домашна црква“ (16, 9). По смртта на царот Клавдиј, на Евреите им беше дозволено да се вратат во Италија, па Акила и Прискила се вратија во Рим. Потоа пишувајќи го Посланието до Римјаните од Коринт, Светиот апостол Павле ги поздрави своите стари пријатели и сотрудници: „Поздравете ги Прискила и Акила, помошниците мои во Христа Исуса, кои за душата моја своите гуши ги положија, на коишто не јас еден им благодарам, туку и сите цркви незнабожечки, и домашната црква нивна“ (16, 3 – 4). Подоцна повторно го гледаме Акила во Ефес, каде што дејствува заедно со Свети Тимотеј. Окован во Рим, Павле му пишува на Тимотеј во Ефес: „…поздрави ги Акила и Прискила“ (II Тим. 4, 19). Како епископ Акила крсти многумина и ги просвети со верата, урна идоли, соѕида храмови, постави свештеници и ја пронесе меѓу луѓето славата на Божјиот воплотен Син. Најпосле беше убиен од озлобените незнабожци и се пресели во Царството на Господ Христос.

Тропар

Христос Тајновидецот очите на разумот ви ги отвори, а Павле апостолот во верата ве утврди, о свети сопружници Акиле и Прискило, вие кои душите ваши за Христа ги обручивте, проповедта за Царството ја раширивте, за нас молете се, свети маченици, во стадото Христово да останеме.

25.02.2024 - 22:40

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега