Спасовски за белградска „Политика”: Соработуваме како најблиски соседи со Србија, имаме и одлична полициска соработка
Mинистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју за белградска „Политика” одговараше на прашања на повеќе теми меѓу кои и за односите помеѓу Република Северна Македонија и Република Србија, за иницијативата „Отворен Балкан“, како и за регионалните импликации во врска со договорот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина.
Запрашан за заедничката иницијатива „Отворен Балкан“, односно колку е олеснет преминот на стоки и кога може да се очекува проток на луѓе без задржувања на граничните премини, Спасовски истакна:
„’Отворен Балкан’ се залага за стабилен регион, мир, соработка и економски развој, со цел во еден момент Западен Балкан да биде дел од ЕУ. Оваа иницијатива е плодна почва за историски чекори напред и ни овозможува да го олесниме слободното движење на луѓе, стоки и услуги, да отвориме нови пазари, да ги подобриме добрососедските односи, а напредокот на регионот е чекор напред кон вредностите на ЕУ. Големи придобивки овозможуваат полесниот проток на стоки, а се подготвуваат и софтверски решенија за електронска контрола на патниците. Со Србија е потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владите за мерки за подобрување на движењето на луѓе и стоки преку државната граница, особено Табановце-Прешево, намалување на гужвите особено за време на туристичката сезона. А пред три месеци го потпишавме Протоколот за начинот на вршење гранични проверки на заедничкиот граничен премин Лојане-Миратовац”, рече министерот Спасовски.
На прашањето околу влијанието на договорот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, кој се потпиша во Охрид, Спасовски рече:
„Премногу конфликти и војни го попречија развојот на нашиот регион и нашите земји. Јасно е дека безбедноста е основа за развој на една земја, но и на еден регион. Уморни сме да не нарекуваат ‘буре барут’. Позитивниот исход во односите меѓу Косово и Србија има одлучувачко влијание во целиот регион. Договорот за нормализирање на нивните односи беше оценет како огромно достигнување со регионален придонес. Крајно време е да станеме пример за безбеден регион, без отворени прашања, со добрососедски односи и посилна регионална соработка. На крајот на денот, сите имаме една цел - да бидеме дел од европското семејство, да ги имплементираме европските вредности и да обезбедиме подобар животен стандард за граѓаните“, истакна Спасовски.
Во однос на оценката за нивото на соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Србија, министерот Спасовски рече:
„Нашата соработка се карактеризира со одлични добрососедски односи и заедничка цел Западен Балкан да стане регион на траен мир, целосно интегриран во ЕУ. Веќе немаме отворени прашања, градиме меѓусебна доверба, соработуваме како најблиски соседи и вистински искрени пријатели. Одлична е и меѓусебната соработка на полициско ниво, преку размена на оперативни сознанија и заеднички активности, како и сузбивање на прекуграничниот криминал. Изминатиот период беше одбележан со интензивна соработка преку иницијативата ‘Отворен Балкан’, како и преку Берлинскиот процес, а предизвиците од економската и енергетската криза ги надминавме и билатерално. Потпишавме заеднички договори во областа на енергетиката и инфраструктурата, што отвора нови перспективи. Од економски аспект, Србија е четврти трговски партнер на РСМ. Секако, сето тоа може да се подобри за да има уште попозитивни ефекти за двете земји“, истакна министерот Спасовски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа