Спасовски за белградска „Политика”: Со функционална политика на дијалог Северна Македонија стана фактор на стабилност во регионот

 

Во интервју за белградска „Политика”, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски одговараше на прашања на повеќе теми меѓу кои и за пристапните преговори со ЕУ, поддршката од САД и за придобивките од членството на Република Северна Македонија во НАТО.

На прашањето каде го гледа решението за продолжување на европската интеграција, во врска на уставните измени, министерот Спасовски рече:

"Просперитетот на граѓаните зависи од исполнувањето на обврските на државата, кои вклучуваат уставни измени, бидејќи ова е чекор за иднината на државата. Парламентот е дом на демократијата, каде треба да преовладува мислењето што е во интерес на државата. Само декларативно лицемерно е да се каже дека сакаме да бидеме во ЕУ без да преземеме политичка одговорност. Сметам дека во овој период мора да вложиме максимални напори преку парламентарен дијалог да постигнеме консензус за промена на Уставот. Опозицијата мора да се аклиматизира на европската клима и да се прилагоди на европските услови, да се ангажира и самокритички да ги преиспита своите постапки. Не е разбирлива политичката нефлексибилност со која се турка некаков архаичен модел, а пред се' опозицијата покажува неодлучност и немање визија. Иако вметнувањето на Бугарите во Уставот на РСМ е трн во око, тоа го гледам како дополнителна вредност за нас - конечно да ја закопаме долгогодишната теза дека сме еден народ со нив”, истакна министерот Спасовски.

Запрашан за тоа колку Република Северна Македонија направи во однос на борбата против корупцијата, земајќи ја предвид посетата на САД од страна на премиерот Ковачевски каде што беше пренесена американската поддршка од Државниот секретар на САД Ентони Блинкен и заменик-помошникот државен секретар на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар во однос на борбата против корупцијата и зајакнувањето на владеењето на правото во Република Северна Македонија и регионот, министерот Спасовски истакна:

„Европската перспектива на оваа земја е придонес на сето она што го правиме како коалиција. Драго ми е што стратешките партнери го препознаа тоа. Пред нас се економските и судските закони, спроведувањето на системските реформи, антикорупциската политика и зајакнувањето на владеењето на правото. Никој веќе не е заштитен со закон, па ни функционерите на актуелната власт. Во 2021 година откриени се 50 отсто повеќе кривични дела поврзани со корупција и спречени коруптивни дејствија вредни околу 149 милиони денари, додека во 2022 година откриени се 124 коруптивни дела за кои кривично се обвинети 164 сторители. Ова е доказ дека не само институциите ја помагаат борбата против корупцијата, туку и јавната свест на граѓаните, кои имаат поголема доверба во полицијата”, рече министерот Спасовски.

Во однос на прашањето колку за Северна Македонија значат членството во ОН и НАТО, како и стратешкото партнерство со САД во зачувувањето на нејзиниот територијален интегритет и суверенитет, Спасовски истакна:

„Ние веќе не сме земја во меѓународна изолација, имаме поддршка за опоравување на општеството од повеќе страни - станавме 30-та членка на НАТО, имаме стратешко партнерство со САД и почнавме преговори со ЕУ. Со овие партнерства и храбри државнички одлуки го заштитивме националниот идентитет, а со функционална политика на дијалог и разбирање РСМ стана фактор на стабилност на Западен Балкан. Убеден сум дека ќе ја гарантираме безбедноста и стабилноста на територијалниот интегритет на државата, на регионално ниво, само со заокружување на евроатлантските интеграции на регионот и заокружување на демократската трансформација”, рече министерот Спасовски.

03.06.2023 - 10:32

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега