Спасовски: Да се практикува делото на Свети Сава значи да се гради заедништво
Министерот за внатрешни работи, кој вечерва присуствуваше на Свечената академија по повод одбележување на Денот на Свети Сава, упати честитки за националниот ден на српската заедница.
-На сите граѓани од српската заедница во Република Северна Македонија им упатувам искрени честитки по повод нивниот Национален ден, под духовно покровителство на една од најсветите личности во историјата на српскиот народ – Свети Сава. Тој е првиот српски архиепископ, со богата духовна, просветителска и дипломатска дејност, воден од максимата дека сите луѓе на светот се браќа, објави Спасовски на Фејсбук.
Тој вели да се практикува делото на овој православен светец, Свети Сава, значи да се гради заедништво, да се обединува таму каде што има поделба.
-Политиките на оваа Влада се во насока на промоција и афирмација на културните традиции на Србите во Северна Македонија. Во мое Куманово, српскиот јазик е службен јазик, како и во Општина Старо Нагоричане. Во нашето граѓанско општество во континуитет се афирмирани вредностите на меѓусебна почит, солидарност и соработка помеѓу сите етнички заедници, а српската заедница го дава подеднакво својот придонес во сите сфери од општественото живеење, унапредувајќи го мултикултурализмот и соживотот во нашите граници, но и потврдувајќи ги добрососедските односи со пријателска Србија, додава Спасовски на Фејсбук.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа