Со стари документи можете да влезете само во една соседна држава
Согласно билатералниот протокол со Албанија, сообраќајот се одвива нормално со важечки патни исправи и со возачки дозволи и регистерски таблички без ознаката НМК. Според информации на МИА, граничниот премин Ќафасан, со соседна Албанија, од македонска страна го напуштиле граѓани со стара лична карта без додавката Северна и не се вратени, односно се пропуштени и од албанските гранични служби.
На тој граничен премин од полноќ до 10 часот утрово, вкупно 837 патници направиле влез и излез од државата.
– На Ќафасан од 00 часот од полноќ до 10 часот денеска, споредбено со вчера сообраќајот на патници и возила бележи благо зголемување, се одвива нормално, непречено и без застој од албанска страна. На влез регистрирани се 62 наши државјани и 441 странски државјан, или вкупно 503 патници. На излез регистрирани се 147 наши и 187 странски државјани или вкупно 334 патници. Полициските службеници од граничен премин Ќафасан ги превземаат сите мерки и активности за полесен проток на патници и возила, изјави за МИА портпаролката Мерлина Зиба.
И на граничните премини „Блато“ и „Џепиште-Требиште“ на македонско – албанската граница кај Дебар нема промени во одвивањето на протокот на патници и возила.
На преминот „Блато“ нормално се одвива сообраќајот и албанските гранични власти ги примаат сите валидни документи, како и досега, согласно со билатералниот протокол. На граничниот премин, Џепиште-Требиште, кој е од локален карактер и имаат право да го користат само жителите од граничниот регион, до 12 часот немаше регистрано жител за влез на албанска територија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа