Слупчанци отвориле трансформатор и сакале да приклучат струја - три села се без електрична енергија

 

Вистински хаос се случил вчеравечер во Слупчане, каде четири лица противзаконски отвориле голем енергетски објект на ЕВН, поточно трансформатор, па сами си пробале да го вратат напојувањето со струја во селото. Оваа информација ја потврдиле од ЕВН за „Плусинфо“.

„Во вчерашните доцни часови лица од Слупчане насилно и противзаконски отвориле голем енергетски објект во сопственост на Електродистрибуција, во обид сами да го вратат напојувањето со струја во селото. По ваквиот обид на самоволно противправно приклучување, предизвикан е дефект од големи размери кој ги остави и соседните села без струја. Ваквите манипулации од нестручни лица се крајно небезбедни и може да имаат многу трагичен крај со смртни последици“, изјавиле од ЕВН за Плусинфо.

Во селата Оризаре, Ваксинце и Лојане денес нема струја поради дефектот што го предизвикале жители на Слупчане.

Од Електродистрибуција за Плусинфо велат дека мештаните на Слупчане не дозволуваат операторот на дистрибутивниот систем да ги исполни своите законски обврски да ја одржува, надградува мрежата и да постави системи за точно мерење на електричната енергија.

– Екипите на Електродистрибуција не може да го санираат дефектот сè додека не добијат цврсти гаранции дека ќе се овозможат нормални услови за работа. Дефекти предизвикани од неовластени манипулации како во случајов, одземаат многу време за да се санираат, изјавиле од компанијата.

Кражбите на електрична енергија во ова село се 80%, а наплатата е само 20%.

Вчера жителите на кумановското село Слупчане со палење гуми на патот го блокираа влезот на екипите на ЕВН, кои неколку месеци се обидуваат да стават ред во наплатата на струја во оваа општина.

06.07.2023 - 09:43
Фото: 
Принтскрин ТВ21

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега