На 11 март собраниска седница за интерпелациите на членови на Судски совет
На 11 март би требало да почне собраниската седница на која на дневен ред ќе бидат интерпелациите за петтмината членови на Судскиот совет. За ова, како што за МИА потврдуваат од владејачкото мнозинство, меѓу другото било разговарано на денешната понеделничка редовна средба на претседателот на Собранието Африм Гаши со координаторите на пратеничките групи. На собраниската веб – страна седницата се уште не е закажана.
Интерпелациите ги поднесе владејачкото мнозинство со потписи од 67 пратеници. Се однесуваат на членовите на Судскиот совет избрани од Собранието и тоа Весна Дамева, Тања Чачарова Илиевска, Павлина Црвенковска, Миљазим Мустафа и Селим Адеми.
Претседателот на Собранието Африм Гаши на петочната средба со новинарите кажа дека седницата ќе биде во првата половина на март, како и дека сите членови на Судскиот совет одговорите на интерпелациите ги доставиле до Собранието.
Неделава Парламентот има интензивни активности. За утре (4 март) се закажани седници на Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање и
на Законодавно правна комисија.
Во четврток Собранието ќе биде домаќин на претседателот на хрватскиот Сабор Гордан Јандроковиќ, претседател на хрватскиот Сабор, кој ќе биде пречекан со свечена церемонија со високи државни и воени почести, по што ќе има средба со претседателот на македонскиот законодавен дом Африм Гаши, а потоа и обраќање пред пратениците.
Во петок се закажани две седници Седница 38. редовна седница и 39. свечена седница по повод 30 години заложби и достигнувања за подобрување на статусот на жените и идни планови за акција, која се одржува во пресрет на Празникот на жената 8 март.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа