Шкариќ: Не е важно што пишува во Изборниот законик, треба да се почитува Уставот


Уставот е позначаен акт од Изборниот законик и според тоа треба да се почитува одлуката за уставното име на Република Северна Македонија која важи од 2019 година и се однесува на примена на името на државата. Токму затоа не е важно што пишува во Изборниот законик бидејќи Уставот е позначаен, вели професорот по уставно право Светомир Шкариќ во коментар за Градска.мк за именувањето на државата од страна на новата претседателка Гордана Сиљановска Давкова за време нејзината инаугурација во Собранието.

Таа  ја потпиша свечената изјава на која пишува Република Северна Македонија, но не го изговори целото уставно име. Потоа, грчката амбасадорка во Скопје, Софија Филипиду, ја напушти собраниската галерија.

Иако во јавноста имаше тврдења дека во Изборниот законик стои името Република Македонија, сепак според професорот Шкариќ е многу јасно кој правен акт е најважен, бидејќи според официјалните документит придавката „Северна“ во името на државата е регулирано со 33-от уставен амандман, изгласан на 11 јануари 2019-та.

Во Уставот „зборовите Република Македонија“ се заменуваат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со „Северна Македонија“, освен во членот 36. Од тогаш до сега, за овие 5 години, Изборниот законик е менуван неколку пати, но не и овој член.

Од денот на влегувањето во сила на амандманот XXXIII, употребата на придавката во однос на државата, државните органи и јавни институции и во однос на употреби согласно Конечната спогодба е во согласност со името на државата или со нејзинотот скратено име и гласи „на Република Северна Македонија“ или „ на Северна Македонија“.

Исто така, донесен е и Уставен закон за спроведување на 4-те амандмани, кој предвидува дека „одредбите од амандман 33 во прописите и другите акти на државните органи се применуваат од денот на влегување во сила на овој закон“. Со измени на уставниот законик се определува дека новото име важи во сите домашни прописи без да мора да се менуваат сите закони еден по еден.

14.05.2024 - 14:22

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега