Шаќири: Со реформите во основното образование е опфатена и наставата на турски јазик
Овозможување на правото на образование на мајчин јазик не треба да биде никаква привилегија. Туку напротив, нешто вообичаено, затоа што впрочем тоа го гарантираат уставот и законите и затоа што воспитно – образовниот процес тогаш е најефикасен и најефективен. Така полесно се разбираат и паметат содржините кои ги наложуваат наставните програми и учебниците. Така полесно се стекнуваат потребните вештини и сумирано, така се создаваат поквалитетни кадри и граѓани кои стекнуваат силно чувство на припадност кон државата која им го овозможила образованието на мајчин јазик. Ова го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири на дебатата со наслов „Подобрување на квалитетот на образованието на турски јазик во Северна Македонија“ што по повод 21 декември – Денот на наставата на турски јазик, ја организираше Здружението на турски наставници, а со поддршка од Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието.
„Турците во Северна Македонија се едуцираат на својот јазик уште од 1944та година. Јас ќе информирам дека само денеска, ова право го остваруваат над 8300 ученици во основните и средните училишта во државата. Важно е што со реформите кои ги спроведуваме во моментов опфатена е и наставата на турски јазик. Па така во основното образование досега обезбедени се и нови наставни програми и учебници по турски јазик од прво до шесто одделение и овој процес етапно продолжува да се спроведува, а за три години отсега ќе биде заокружен“, рече Шаќири. Паралелно, рече министерот, ги подобруваме условите за настава во сите општини и училишта, а тоа подразбира дека со инвестициски активности се опфатени и објектите во кои најголем број или сите се ученици кои припаѓаат на турската заедница во државава.
„Нема двоење и нема давање предност на една или друга заедница. Мислам дека ова веќе на сите им е јасно, затоа што веќе неколку години како Влада го градиме и се водиме по концептот дека ова општество е заедничко и обезбедува еднаквост и правичност за сите граѓани“, додаде министерот, потенцирајќи дека Министерството за образование и наука и во иднина ќе се заложува правото на образование на својот мајчин јазик да го овозможува како на сите останати, така и на граѓаните од турска националност.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа