Се заострува предизборната кампања - размена на напади меѓу кандидатите

Како што се наближува датумот за првиот круг за претседателски избори, што ќе се одржат на 24 април, на така се засилува и реториката на кандидатите за шеф на државава. Претседателските кандидати и денеска продолжуваат со средби со граѓаните и со митинзи во повеќе населени места.

Кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова ќе ја презентира програмата пред граѓаните во Дојран, Валандово и во Гевгелија.

Максим Димитриевски, кандидат на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, ќе оствари средби со граѓани на Зелениот пазар во Скопје.

Кандидатката за претседател на Левица, Билјана Ванковска ќе има средби со граѓани во Виница.

Кандидатот на Коалицијата Вреди Арбен Таравари ќе одржи прес-конференција кај плоштадот „Скендербег“, во Скопје, додека Форумот на жени на Коалицијата Вреди ќе одржи Регионална конференција на тема „Жените во одлучувањето како квалитет на демократијата“.

Стево Пендаровски, актуелен претседател кој се трка за втор мандат, денеска ќе биде на средби со жителите на Чашка и Свети Николе, додека централниот митинг ќе го одржи во Велес.

Претендентите за Вила Водно и вчера на средбите со граѓани и на вечерните митинзи синоќа испратија ветувања за подобар живот, не избегнувајќи ја реториката со меѓусебни обвинувања.

Пендаровски рече дека единствениот вистински пат, единствената гаранција за нашата перспектива, иднина, судбина и единствената надеж за младите е западниот пат и западната Алијанса.

– Ниеден од овие млади деца кој се сели од Македонија не оди во Русија, во Белорусија или во Кина туку среќата ја бараат во Америка, во Германија, во Канада или во Нов Зеланд. Сите развиени држави економски и сите супер економии. Најдобрите универзитети се таму, најдобрите здравствени системи се таму, најнезависните судски системи се таму. Ние се стремиме да бидеме таму за да бидеме како нив, да добиеме не пари од кај нив, да добиеме ум, принципи и вредности врз кои ќе ја уредиме нашата Македонија да личи на просечна европска развиена и просперитетна земја. Затоа тоа е единствената опција, дополни тој,

Пендаровски повика на масовна мобилизација на 24 април.

Тој исто така ги ги отфрли обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ за тајни средби за амнестија на политичари.

Кандидатот за претседател на државата Максим Димитриевски од ЗНАМ рече дека сака да биде претседател кој генерира решенија и ќе предлага закони кои се во интерес на граѓаните, а не да потпишува закони вели, како навиен од политичките елити.

Синоќа пред граѓаните од повеќе полошки општини во летниот амфитеатар Димитриевски остро ја критикуваше актуелна владејачка гарнитура, а нивното владеење го оцени како самовластие обременето со корупција.

-Двете политички елити, алчни за власт се обидуваат сите овие дваесетина години да им се приспособат на ДУИ. Ја запоседнаа повеќе од половина извршна власт, а исто така секојдневно ја запоседнуваат и независната, судската власт. Професионалците во системот се настрана, а партиските војници ги влечат сите потези, рече Димитриевски.

Кандидатката на Левица, Ванковска, пред граѓаните на Центар и на Кисела Вода ја претстави својата изборна програма.

-Го добивме известувањето од Владата за денот на гласањето, кој е слободен ден само за јавната администрација. Сметам дека тоа е неправедно, не е фер услов. Практично, сите приватни работодавачи ќе можат да им оневозможат на граѓаните да го напуштат работното место, да излезат да гласаат, зависно од нивните околности, порача таа.

Според неа, тоа ќе ги дискриминира граѓаните, бидејќи на овој начин голем број граѓани, особено од Скопје, но кои потекнуваат од градовите во внатрешноста, нема да бидат во можност да го искористат правото на глас.

Претседателскиот кандидат на коалицијата „Вреди“ Арбен Таравари ја претстави својата програма на централен митинг во тетовската општина Желино. Тој во својот говор се осврна на релациите со Косово и Албанија.

– Ќе имаме целосна координација со двете албански држави, Албанија и Косово. Ќе ги продлабочиме врските со Тирана и Приштина, бидејќи тие се наши браќа од иста крв. Значи, нема да правиме како мојот противкандидат кој својата прва посета како министер за надворешни работи ја направи во Белград и никогаш немаше билатерална посета на Косово, нагласи Таравари.

Таравари рече дека неговиот противкандидат Бујар Османи сега се сетил да предложи излез од Отворен Балкан, како што кажа, „иницијатива на Вучиќ, поддржана од Лавров“.

Претседателскиот кандидат на ДУИ Османи, синоќа на митингот во Дебар, вети дека Северна Македонија за пет години ќе биде членка на ЕУ, дека без ветинг нема формирање влада а ги наброја и неговите пет заложби кои ќе ги реализира во целост.

-Моето прво ветување е членство на земјава во ЕУ до 2030 година. Ако имав предизвик, како министер за надворешни работи, да ги отворам преговорите со ЕУ по 17 години чекање, верувајте дека како претседател можам да го завршам процесот за членство во ЕУ во следните пет години, ќе го искористам целиот потенцијал на Европскиот фронт, целото мое знаење, знаењето од процесите што ги водев, моето искуство, моите контакти низ светот за да го завршам овој процес во следните пет години. И ви ветувам дека ќе го направам тоа доколку ја добијам вашата ценета поддршка, рече Османи.

Тој ја повика Силјановска – Давкова на дебата. -Јавно ја повикувам да дојде на дебата со мене, доколку има аргумент да ме убеди дека изолацијата е подобра отколку интеграцијата, рече Османи.

Идентитетот не се врзува за историјата  или за културата, туку се врзува за принципите и вредностите. Европски е да ги потсетите оние од Европската унија на темелните вредности  и принципи. Ако тие така се однесуваат, тогаш ние ќе веруваме во иднината во Европската унија, рече пред прилепчани претседателската кандидатка Гордана Силјановска Давкова на вечерашното обраќање од плоштадот „Методија Андонов Ченто“ во центарот на Прилеп.

Силјаноска Давкова рече дека говорот на омраза не доликува на ниту една сериозна партија, но не доликува воопшто на социјалдемократска партија.

-Тоа е говор на некоја крајна десница што се служи со патријалхалност и парохијалност, а така гледа на жените и на возрасните. За мене возраста значи мудрост, знаење, искуство. Не плашете се за мене, јас сум сосема во ред, и психички, и физички. Орна сум за дебата, ама нема кандидати за дебата. Само најавуваат, ама никако да се појават пред одговорни новинари, рече пред прилепчани кандидатката за претседател Гордана Силјаноска Давкова.

 

16.04.2024 - 09:21

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега