СДСМ: Ја виде ли Бојан Стојановски висината на синдикалната кошничка? - Мерките на Владата немаат ефект
На вчерашната прес конференција, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски рече дека партијата нема да го поддржи Законот за минимална плата од 450 евра предложен од СДСМ и коалицијата со образложение дека треба да се почека синдикалната кошничка за да се види ефектот од мерките на владата, велат од СДСМ.
„Ја виде ли Бојан Стојановски висината на синдикалната кошничка? Ете денеска е објавена, минималната синдикална кошничка за месец октомври изнесува 61.249 денари, односно во споредба со минатиот месец разликата е само 57 денари.
Ова е најголема потврда на она што граѓаните веќе го знаат, мерките на Владата за намалување на цените немаат никаков ефект, воопшто не се намалени цените на производите.
Го повикуваме пратеникот Бојан Стојановски сега да излезе пред граѓаните, да признае дека мерките на Владата на Мицкоски се погрешни, без резултат и да го поддржи Законот за минимална плата предложен од СДСМ.
Граѓаните не се само статистика, зборуваме за вистински животи, за родители, за млади, за возрасни сограѓани кои секојдневно се борат да обезбедат достоинствен живот за своите семејства.
Токму затоа, зголемувањето на минималната плата е итно и неопходно“, стои во соопштението на СДСМ.
22.10.2024 - 13:19
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа