СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ заеднички гласаа за Законот за бранителите - ВРЕДИ ја напуштија седницата
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ заеднички гласаа за потребата од донесување на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили или популарно наречен Законот за Бранителите, што ги зовре страстите во Собранието. За предлогот на Славјанка Петровска од СДСМ гласаа 65 пратеници од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ, додека против беа пратениците од ВРЕДИ и двајца од Европскиот фронт
Аднан Азизи од Вреди повторно ги повика пратениците од оваа коалиција да ја напуштат седницата, откако реплицираше на процедурална забелешка на координаторот на ДУИ Блерим Беџети.
Беџети ги обвини Вреди за хипокризија со тоа што дозволиле законот за бранители по скратена постапка на предлог на Славјанка Петровска од СДСМ да стане дел од дневниот ред.
-Европскиот фронт нема да го поддржи овој закон, но вие сте парламентарно мнозинство и требаше да стопирате ова да не се изгласа, рече Беџети.
Азизи пак посочи дека ДУИ биле долги години на власт и не го донеле законот за инвалидите на УЧК и нивните семејства, како и дека се обидуваат да враќаат националистички теми продавајќи патриотизам.
„Со оглед на тоа дека во изминатите години од примената на овој закон беа констатирани определени недостатоци при остварување на правата на припадниците и нивните семејства го поднесов предлог законот со кој овие воочени недостатоци ќе бидат исправени. Со оглед на тоа дека не станува збор за обемен или сложен закон се предлага истиот да биде донесен по скратена постапка“, вели Славјанка Петровска.
„Немојте да додавате бензин на огнот. Во моментот кога светот и регионот е во нестабилна состојба и каде што се предвидува и трета светска војна особено вашиот предлог е хипокризија и во позадина има едно сценарио на сценаристите кои што сакаат да има немири и во Балканот кое што е диригирано од Русија и Србија и вие предлагате закон кој што ги расипува односите меѓу двата етнитети и овој предлог беше уште со Охридскиот договор или ќе помине заедно со поранешните припадници на ОНА или нема да биде прифатлив“, вели Аднан Азизи.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа