Само 27 проценти од учениците во Македонија се чувствуваат целосно безбедни во училиштето
Коалицијата на младински организации „Сега“ организираше панел дискусија „Како до училиште без насилство“.
На настанот се дискутираше за потребите и предизвиците на училиштата при превенција и постапување при случаи на различни форми на насилство, а активно се вклучија наставници и стручни соработници од основни и средни училишта, институции, граѓански организации, како и ученици.
Младите потврдија дека можат да бидат партнер на наставниот кадар и стручните соработници во училиштата кон превенција од насилство врз децата. Претставниците од ученичките организации и Сојузот на средношколци на РСМ дискутираа за тоа колку и како учениците може да придонесат кон намалување на сите форми насилство во училиштата. Од друга страна, стручните соработници во училиштата ги истакнаа актуелните капацитети и предизвици за справување со формите на насилство во училиштата.
На настанот беа презентирани и генералните наоди на Државниот просветен инспекторат како и на Канцеларијата на Народниот правобранител, Васка Бајрамовска Мустафа – Заменик народен паавобранител, ги потенцираше недостатоците на училиштата утврдени на терен во однос на заштитата на децата на сите нивоа.
За потребите на проектот е направено почетно истражување во проектни училишта, со опфат од: 25 училишта (13 основни и 12 средни училишта), 810 ученици, 370 наставници, 74 стручни соработници и директори, 673 родители.
„Само 27% од учениците во Македонија целосно се чувствуваат безбедно во училиштето. За да го превенираме насилството во училиштето мора да се практикува пристапот на суштинско вклучување на учениците и на сите чинители во училиштето (наставници, стручни служби, училишни тела, родители итн)”, изјави Зоран Илиески, извршен директор на Коалицијата на младински организации „Сега“.
„Интересно е тоа што физичкото насилство се намалува до одредена мера, но сепак училишното насилството се манифестира во различни форми, како што се вербалното, социјалното и психичкото насилство, што се потврдува со различните извештаи. Дополнително на училиштата им е потребна поддршка кон справување со кибер насилство кое зема се поголем замав во пост-ковид периодот. Од друга страна учениците се согласуваат дека ученичките организации можат да бидат сериозен фактор и сериозно да придонесат кон подигнување на свеста од последиците од разните форми на насилство”, изјави Томислав Гајтаноски, тим лидер на проектот „Промоција на безбедна училишна средина“.
Панел дискусијата „Како до училиште без насилство” се организираше во рамки на проектот „Промоција на безбедна училишна средина“ кој се спроведува од страна на Коалицијата на младински организации „Сега“ во партнерство со македонскиот Центар за граѓанско образование, Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ и Смарт Ап – Лабораторија за социјални иновации, а финансиски е поддржан од детската фондација „Песталоци“. Проектот се спроведува во периодот септември 2023 – август 2026 година.
Цел на проектот е да придонесе кон остварување на правото на децата за квалитетно образование во безбедна и партиципативна училишна средина. Преку проектот се очекува да се подобри имплементацијата на законските одредби за ученичкото учество во процесите на донесување одлуки и заштита на децата, да се зајакнат капацитетите на основните и средните училишта за превенција и справување со насилство, како и да се унапреди примената на наставни методи и техники кои поддржуваат и промовираат заштита, учество и еднакви можности за сите ученици и ученички.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа