Самит ЕУ-Западен Балкан: Потпишан договор меѓу операторите за намалување на роаминг тарифите
На Самитот за Западен Балкан – Европска Унија што се одржува денеска во Тирана телекомуникациските оператори од земјите од ЕУ и ЗБ потпишаа Договор со кој ќе се овозможи намалување на цените за роаминг меѓу ЕУ и регионот од следната година.
Со Договорот се отвора патот за почеток на процесот за укинување на тарифата за роаминг меѓу земјите од Европската Унија и Западен Балкан. По долги преговорите Европската комисија и Регионалниот совет за соработка (РСС), предводени од генералниот секретар Мајлинда Брегу постигнаа договор со мобилните телефонски оператори во Европа и на Балканот за намалување на роаминг тарифите.
Потпишувањето на Декларацијата за роаминг ќе гарантира значително намалување на трошоците за роаминг од 1 октомври 2023 година. Тарифите блиски до националните нивоа на цени се планира да се постигнат до 2027 година.
Операционализацијата на Декларацијата треба да овозможи намалување на оперативните трошоци на бизнисмените, да го поттикне бизнисот надвор од матичните граници и да даде дополнителен поттик на туризмот во регионот на Западен Балкан.
По стапувањето во сила на регионалниот договор за намалување на цените на роаминг, со кој беше укинат роамингот во Западен Балкан од јули 2021 година, Советот за регионална соработка, во соработка со Европската комисија, операторите од Европската унија и од Западен Балкан, како и со властите од регионот, работеа на намалување на цените на роаминг меѓу ЕУ и регионот.
На 1 јули минатата година се укина роамингот за телефонски разговори, СМС пораки и интернет меѓу Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина. Со тоа се заокружи примената на Договорот од Вториот дигитален самит од 2019 година меѓу шесте држави од Западен Балкан.
Владината делегација на Самитот од државава, ја предводи премиерот Димитар Ковачевски, а учествиават и вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа