Расте бројот на загинати во железничката несреќа во Индија: Ова е најстрашна несреќа во последниве две децении

 

Најмалку 288 луѓе загинаа, а уште 850 се повредени во судир на воз во индиската држава Одиша, изјави за АФП официјален претставник на Одиша. Ројтерс ова го квалификува како најсмртоносната железничка несреќа во Индија во повеќе од две децении.

Судханшу Саранги, началник на противпожарната служба во Одиша, рече дека опоравувањето на жртвите сè уште е во тек и дека има многумина со посериозни повреди, пренесува Ројтерс. Главниот секретар на Одиша Прадип Јена објави на Твитер дека повеќе од 200 амбулантни возила се повикани на местото на несреќата во областа Баласоре во Одиша и дека се мобилизирани дополнителни 100 лекари, покрај 80-те што веќе се таму.

“Спиев. Ме разбуди бучавата на возот кој излета од шините. Одеднаш видов 10-15 мртви. Успеав да излезам од вагонот, а потоа видов многу распарчени тела”, рекол неидентификуван маж кој ја преживеал страшната несреќа.

Видео снимката покажува како спасувачите се качуваат на страната на еден од оштетените возови за да најдат преживеани, додека патниците врескаат барајќи помош и плачат. Судирот се случи вчера околу 19 часот по локално време (15:30 по средноевропско време).

Возот Хорах Суперфаст Експрес, кој сообраќа од Бангалор до Хорах во Западен Бенгал, излета од шините и се судри со Коромандел експрес, кој сообраќа од Калкута до Ченаи.

Во меѓувреме, властите дадоа спротивставени тврдења за тоа кој воз прв излетал од шините. Министерството за железници соопшти дека покренало истрага за инцидентот. Иако Јена соопшти дека во сударот учествувал и товарен воз, за ​​што пренесоа и некои медиуми, од Индиски железници сè уште не ја споменале оваа можност.

Според Индиски железници, нивната мрежа овозможува превоз на повеќе од 13 милиони луѓе секој ден, а Ројтерс истакнува дека инфраструктурата е застарена.

Индија денеска го прогласи за ден на жалост поради несреќата.

Најсмртоносната железничка несреќа во Индија се случи во 1981 година кога воз падна од мост во река во државата Бихар, при што загинаа околу 800 луѓе.

03.06.2023 - 10:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега