Раскинување на договорот со „Синохидро“ за автопатот Кичево – Охрид или негово продолжување ќе биде извесно неделава

 

По нешто повеќе од еден месец работа, до крајот на неделава министерот за транспорт и врски Благој Бочварски очекува да му биде доставен извештајот за ревизијата на автопатот Кичево – Охрид од кој зависи дали државата ќе го раскине договорот со кинеската „Синохидро“. Откако ќе го добијат целосниот извештај, Бочварски вели дека целокупната ситуација ќе ја презентираат на седница на Влада и заеднички ќе донесат одлука.

„Јас очекувам во текот на оваа недела да биде доставен од страна на надзорниот орган и од страна на ФИДИК експертите до ЈПДП и до Министерството по што ќе побараме тој извештај да биде разгледан на седница на Влада. Сите одлуки и идни чекори ќе ги носиме заеднички со Владата. Ќе ја презентираме целата моментална состојба, но, овде, таа презентација и идните чекори, пред се, треба да дојдат од експертите кои ќе дадат насоки како да продолжиме со најдобрите решенија со цел овој автопат да биде завршен“, рече министерот Бочварски, дене, по уводот на градежните работи за браната на реката Отиња во Штип.

Министерот смета дека е рано да се размислува за раскинување на договорот и да се размислува за идните чекори пред извештајот и препораките од експертите да бидат детално разгледани.

Ревизијата на целокупниот проект од проектирање до изведба на патот Кичево – Охрид кој се гради веќе десет години почна на почетокот на минатиот месец. Можноста за раскинување на договорот со „Синохидро“ поради тоа што н 31 декември истекува рокот за завршување на проектот, ја најави премиерот Димитар Ковачевски. Тој рече дека е недозволиво еден автопат да се гради 10 години и се уште да не е завршен, па не ја исклучи можноста за завршување на автопатот да се ангажира друга компанија.

18.12.2023 - 12:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега