Радев и по средбата со Зеленски продолжи војната во Украина да ја нарекува конфликт, повтори дека оружје не дава
Конфликтот во Украина нема воено решение. Затоа, потребни се доследни напори за деескалација, прекин на огнот и барање мирно решение со помош на дипломатските средства, кои се’ уште не се исцрпени, пишува бугарскиот претседател, Румен Радев по тензичната средба со неговиот украински колега, Володимир Зеленски.
Радев по средбата со Зеленски на социјалните мрежи напиша дека како претседател и врховен командант, има јасни одговорности да гарантира дека одбранбените способности на вооружените сили на Бугарија не ослабуваат, бидејќи безбедносната средина во регионот е исто така доволно алармантна.
„Не прифаќам обезбедување на оружје и муниција, особено од резервите на бугарската армија“, вели Радев.
Според него, конфликтот меѓу Русија и Украина го проширува својот територијален опсег и добива нови димензии, а непријателствата стануваат се пожестоки и се повеќе луѓе умираат, меѓу кои и Бугари од големата бугарска заедница во Украина. Ризиците за мирот и безбедноста во Европа, вклучително и од радиоактивната контаминација, растат секој ден не само за Украина, туку и за цела Европа, вели Радев по средбата.
„Конфликтот се претвори во војна на трошење што ги погоди економиите на сите европски земји и ги влоши социјалните тензии. Во моментов постојано го слушаме зборот „победа“ од двете страни, но би сакале повеќе да го слушнеме зборот „мир“ и дека водечките напори треба да бидат токму за негово постигнување“, додава Радев.
Жестоко помина вчерашната средба помеѓу Радев и Зеленски кој беше во посета на Софија. Откако Радев му кажа на Зеленски дека не дозволува одбранбена помош, Зеленски пред бугарските новинари жестоко му одговори, по што камерите беа замолени да ја напуштат просторијата, но останаа доволно долго за моментот да го види целата јавност.
„Ова не е конфликт, туку војна, војна за уништување на Украина, да се убиваат Украинци, а не други земји и фала му на бога“, истакна Зеленски коригирајќи го Радев за употребата на терминот конфликт.
„Ако ова е конфликт, тогаш земјата нема да ја напуштат милиони луѓе. Ние мора да ги поставиме границите, инаку некој друг ќе ги постави. Го имаме ова право бидејќи војната е на наша територија, така што знаеме дека ова е војна, а не конфликт“, му рече Зеленски на Радев, а потоа жестоко му одговори дека бугарската армија и оружјето нема да бидат доволни ако Русија дојде тука.
„Ваше право е да не поддржувате помош за Украина. Добро е да им давате на луѓето за да се бранат да не ви дојде војната. Не дај боже да стане трагедија и да ви дојде војната, што ќе правите тогаш ако никој не ви помогне?“, го праша Зеленски, Румен Радев.
Денес и премиерот Николај Денков ги увери бугарските пратеници дека Софија нема да испрати воена опрема во Киев која би им наштетила на одбранбените капацитети на земјата.
Зеленски вчера беше во посета на Бугарија на покана на Денков.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа