Путин: Војната меѓу Израел и Хамас нема да ескалира, главните играчи не се подготвени за тоа

 

Рускиот претседател, Владимир Путин, денеска, изјави дека не мисли оти војната меѓу Израел и Хамас ќе ескалира во конфликт од поголеми размери бидејќи „играчите не се подготвени за понатамошна ескалација“.

„Што се однесува до нападот на болницата, тоа е страшна трагедија. Стотици мртви и стотици ранети се катастрофален настан“, рече Путин за време на посетата на Пекинг, пренесе „Ројтерс“.

„Навистина се надевам дека ова е сигнал да се стави крај на овој конфликт што е можно побргу. Во секој случај, мораме да се фокусираме на можноста за почеток на некои контакти и преговори. Имам впечаток дека никој не сака конфликтот да продолжи да се развива. Понатаму, и ситуацијата се влошува“, додаде тој.

„Според мое мислење, практично нема големи играчи, кои се подготвени да го ескалираат конфликтот и да го претворат во војна од големи размери. Некои не го сакаат тоа, некои се плашат“, рече Путин.

Палестинските власти го обвинија Израел за нападот врз болницата во Газа, во кој загинаа најмалку 500 луѓе. Израел, пак, тврди дека експлозијата во болницата била предизвикана од неуспешното лансирање ракета од страна на палестинската милитантна група Исламски џихад, која ја негира одговорноста за овој страшен настан.

18.10.2023 - 15:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега