Припадниците на Армијата даваат видлив придонес во активностите на НАТО во Романија и Бугарија

 


Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, денес во Карахал, Романија заедно со началникот на Генералштабот на Вооружените сили (ВС) на Романија, генералот Георгица Влад и командантот на Мултинационалната бригада на НАТО за Југоисток, бригаден генерал Константин Николаеску, учествуваше на пригодна воена церемонија на која се доделија признанија на македонските припадници за нивното залагање и професионалност во рамки на т.н. „Активности на зголемена будност“.


Генералот Николаеску додели орден на неколкумина припадници на Армијата, кои како дел од оваа бригада учествуваат во активностите на НАТО во Романија, а генералот Ѓурчиновски додели мала плакета на Армијата на четворица припадници на Армијата и двајца припадници на ВС на Романија.

 

Од страна на началниците на Генералштабовите, во обраќањето пред стројот на припадниците на македонскиот контингент, беше истакнат нивниот професионален однос и максимален придонес во сите активности кои се изведуваат во склоп на Мултинационалната бригада-Југоисток, како и целосната интероперабилност со останатите контингенти од НАТО армиите во состав на оваа бригада.


По завршување на церемонијата, генералите присуствуваа на брифинг од страна на командантот на Мултинационалната бригада- Југоисток, бригаден генерал Константин Николаеску каде беа информирани за составот, активностите и задачите кои ги извршуваат нашите припадници во рамки на оваа структура.


Генералот Ѓурчиновски со својот романски колега разговараше за понатамошно унапредување на билатералните армиски односи, како и за активностите кои произлегуваат од т.н. „Активности на зголемена будност“.

Претходниот ден генералот Ѓурчиновски ги посети припадниците на Армијата на Република Северна Македонија, кои извршуваат задачи во мултинационалните сили на НАТО во Република Бугарија, како дел од Мултинационалната борбена група на НАТО во Ново Село, при што им оддаде признание за нивното залагање и придонес во активностите.

Притоа тој оствари работна средба со командантот на Мултинационалната борбена група, полковник Скандура Мариано Роко на која се дискутираше за нашиот придонес и понатамошните планирани активности.

Нашиот придонес во „Активности на зголемена будност“ започна од крајот на 2022 година со испраќање на два состава во јачина на вод во Романија и во Бугарија, каде заедно со припадниците на Вооружените сојузнички сили се составен дел од колективниот систем за одвраќање и одбрана. Припадниците на Армијата во овој период неколкупати ја докажаа својата обученост и професионалност, со тоа што поединци беа прогласувани за најдобри војници за одредени месеци.

27.02.2024 - 15:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега