Претседателот Пендаровски во посета на здружението „Иницијатива за економски развој на Ромите - РЕДИ“ и социјалното претпријатие РЕДИ Рециклажа
Претседателот Стево Пендаровски денеска ja посети РЕДИ Рециклажа, социјално ориентирано претпријатие основано од здружението „Иницијатива за економски развој на Ромите - РЕДИ“, каде беше запознаен со нивната работа и процесот на собирање на секундарни суровини од поставените корпи лоцирани во општините Аеродром, Карпош и Кисела Вода.
Претставниците на здружението и зелените агенти го информираа претседателот Пендаровски за нивното функционирање, организирање на индивидуалните собирачи на отпад преку нивно вработување, за воспоставениот систем на примарна селекција на отпадот, како и за нивните натамошни развојни планови.
Во таа насока, тие го запознаа претседателот со досега постигнатите разултати, како и со нивната цел да развијат рециклажен центар, којшто ќе овозможи повеќе од 1500 зелени работни места, додавајќи дека преку формализирање на индивидуалните собирачи на отпад, кои пред сè припаѓаат на маргинализираните заедници, истовремено се обезбедува соодветно вреднување на нивниот труд.
Во контекст на досегашниот интерес на граѓаните за користење на нивните бесплатни услуги, од РЕДИ Рециклажа информираа дека досега се пријавени над 500 станбени и деловни објекти од кои активно во трите општини се сервисираат 219.
Претседателот Пендаровски ја поздрави иницијативата на РЕДИ и нивниот придонес во заштита на животната средина, борбата за почиста околина и поттикнување на свеста кај граѓаните за селектирање на отпадот.
Воедно, беше истакната важноста од нивна континуирана соработка со граѓаните и партнерски однос со институциите, како предуслов за воспоставување на долгорочно одржлив систем на собирање и селекција на отпад.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа