Претседателот да го отповика македонскиот амбасадор во ООН: Левицата со декларација за солидарност со палестинскиот народ

 

Пратениците на Левицата до претседателот на Собранието поднесоа предлог декларација за солидарност со палестинскиот народ и осуда на израелската окупација.

Во декларацијата составена од девет точки, која се темели на неколку меѓународни акти и резолуции на Обединетите нации, меѓу другото, се бара осуда на воените злосторства врз палестинските цивили извршени од страна на безбедносните сили на Израел и осуда на политиките на апартхејд имплементирани врз палестинскиот народ.

Се бара од Владата на РМ да ја признае независната држава Палестина и да воспостави дипломатски односи на ниво на амбасади, а од претседателот на Републиката се бара веднаш да го отповика македонскиот амбасадор во ООН, кој, како што велат, гласаше воздржано за Резолуцијата на Генералното собрание на ОН за заштита на палестинските цивили, како и вклучување на припадници на АРМ во мировните мисии на ООН за давање хуманитарна помош на Појасот Газа.

„Со оваа декларација, пратениците на Левица, му предлагаат на Собранието на РМ, како уставен носител на законодавната власт и средиште на парламентарниот плурализам, да го изрази својот политички став за неприфатливите, нечовечки и стравотни сцени на масакри и колективна траума, кои секојдневно доаѓаат од разурнатата Газа, осудувајќи ја илегалната израелска окупација на палестинските територии.

Сметаме дека нормативниот текст на декларацијата во склад со традицијата на југословенската дипломатија и тој е прифатлив за сите политички чинители застапени во македонскиот парламент, а ова особено во духот на интернационализмот и меѓународната солидарност“, истакнуваат од Левицата.

02.11.2023 - 13:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега