Познато што му рекол Зеленски на Трамп на погребот на папата Франциско

 


Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, ги искористил 15-те минути со претседателот на САД, Доналд Трамп, на погребот на папата Франциско за да се обиде да го убеди да заземе поостар став кон Владимир Путин и да се фокусира на прекинот на огнот, дознава известувачот на Аксиос, Барак Равид од два извори запознаени со средбата.

Според овие извори, украинскиот претседател имал сериозни сомневања дали воопшто треба да се согласи на уште една средба со американскиот претседател по, како што ја нарекуваат во Киев, „катастрофата во Овалната соба“ на крајот на февруари.

Но, по неформалниот разговор во базиликата Свети Петар, Зеленски беше убеден дека за прв пат успеал делумно да влијае на мислењето на Трамп за Путин.

На враќање во САД во претседателскиот авион, Трамп невообичаено директно го критикуваше рускиот претседател на социјалните мрежи

„Поради овој напад на Киев, почнувам да мислам дека можеби тој воопшто не сака да ја запре војната. Можеби само ме завлекува и има потреба – банки или секундарни санкции? напиша Трамп, осврнувајќи се на неодамнешниот смртоносен руски воздушен напад врз главниот град на Украина.

Според извори на Аксиос, Зеленски уште пред погребот добил „сигнали“ дека Трамп можеби е подготвен за неформална средба. Ништо официјално не беше закажано, но двајцата лидери случајно се сретнаа на самиот влез во базиликата. Тие го искористија моментот и се повлекоа во една од страничните области, далеку од камерите и протоколот.

Во Киев сметаат дека разговорот бил поуспешен бидејќи овојпат не биле присутни потпретседателот Џеј Ди Венс и пратеникот на Трамп Стив Виткоф, кого Украинците го сметаат за проруски.

Зеленски му рекол на Трамп дека Путин „нема да попушти без дополнителен притисок“ и го повикал да се врати на неговиот претходен предлог за безусловен прекин на огнот. Овој предлог претходно беше прифатен од Украина, а Москва го отфрли.

Според еден од изворите, Трамп изгледал подготвен да се преиспита, иако Белата куќа не ја потврди или негира содржината на разговорот. Од кабинетот на претседателот Зеленски одбија да ги коментираат деталите.

Зеленски повтори дека Украина никогаш нема да го признае Крим како руска територија, а Трамп, според истите извори, јасно му рекол да не го бара тоа од него. Планот сега на маса се однесува на американското признавање на Крим како руска територија, а не како украинска.

Украинскиот претседател рече дека не е против компромис, но дека за тоа се потребни силни безбедносни гаранции. Во текот на разговорот, Трамп наводно му вршел притисок да го потпише американско-украинскиот договор за минерални суровини што е можно поскоро, за кои преговорите тогаш биле во напредна фаза. Инаку, договорот беше потпишан синоќа.

Зеленски, како што е наведено, планирал да гостува во емисијата на ABC, но интервјуто го откажал поради технички проблеми со преводот.

„Тоа беше многу добар состанок и Зеленски не сакаше ништо да ризикува“, рече еден извор.

Останува прашањето дали ќе трае новиот, поостар тон на Трамп кон Путин.

Во интервјуто за ABC News што беше емитувано неодамна, Трамп повтори дека „Путин можеби само се преправа“, но тој сепак тврди дека верува дека рускиот претседател сака да стави крај на војната.

Во меѓувреме, портпаролката на Стејт департментот, Тами Брус, рече дека Вашингтон е подготвен да се повлече од преговарачката улога доколку наскоро нема напредок.

01.05.2025 - 13:30

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега