Повисока минимална плата – поголема продуктивност
Минималната плата, зголемена или не, е во фокусот на интересот на крајот од годинава. И кај работодавците, и кај синдикатите, и кај Владата и кај граѓаните. Работниците, граѓаните и синдикатите се на став дека минималната плата треба да се зголеми на 18.000 денари поради покачувањето на цените на продуктите и на енергенсите, како и најавеното зголемување на цената на струјата. Од другата страна работодавците сметаат дека зголемувањето на минималната плата во услови на пандемија ќе го намали работењето и ќе има отпуштања.
Но, всушност, какви се ефектите од зголемувањето на минималната плата?
Најновите резултати од истражувањата направени од страна на економските аналитичари се готови и треба да се публикуваат. Станува збор за анализа за последното зголемување на минималната плата од 2017 година. И тоа на сите фирми и дејности во државава. Да потсетиме: минималната плата е востановена во 2012 година, првично со 8 050 денари. Сега е 14 500 денари.
Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии, кој е дел од тимот што ги правеше анализите, е категоричен – нема негативни, туку, напротив, има позитивни ефекти од зголемувањето на минималната плата. Растат продуктивноста и економијата. Тој позитивен тренд се однесува и на новото, најавено, зголемување на минималната палта.
– Ние правевме студија, со Драган Тевдовски и со Виктор Стојковски за тоа кои се ефектите од покачувањето на минималната плата во Македонија врз работењето на фирмите. Студијата е готова, завршена е, само треба да се објави. Истражуван е периодот од 2017 година со покачувањето на минималната плата. Резултатите од таа студија покажуваат дека нема никаков негативен ефект од покачувањето на минималната плата врз работењето на фирмите. Не се отпуштаат вработените, не се намалува профитабилноста на фирмите, нема друг негативен ефект. Единствениот ефект што се забележува е дека, кога ќе се зголеми минималната плата, фирмите стануваат попродуктивни и тоа е логично, зашто кога, на пример, ќе му ја зголемите платата на работникот од 10.000 на 12.000, ќе се чувствува позадоволен, ќе биде помотивиран и затоа ќе биде и попродуктивен. И фирмите добиваат. Тоа е резултатот од студијата и е направена за, буквално, сите фирми во Македонија, без разлика на дејноста. Тоа се однесува и на ова, ново зголемување што се најавува. Ова најавено зголемување на минималната плата нема да им донесе негативни ефекти на фирмите, туку, напротив, ќе им го подобри. Практично, една од причините зошто продуктивноста е лоша, се токму ниските плати. Тоа важи и за целиот Балкан, објаснува Јовановиќ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа