Порошенко под санкции, Зеленски најавува правда

 


Советот за национална безбедност и одбрана на Украина воведе санкции за Петро Порошенко, објави поранешниот претседател во соопштението.

Претседателот Володимир Зеленски рече дека официјалната уредба ќе биде објавена на 13 февруари, но не го спомна Порошенко по име, пишува Киев Индипендент.

Порошенко во својата видео изјава не прецизираше какви ограничувања ќе му бидат наметнати, но санкциите би можеле да бидат поврзани со наводно „велепредавство“, објави Форбс Украина, повикувајќи се на два извори.

„Советот за национална безбедност и одбрана штотуку донесе неуставна, политички мотивирана одлука да воведе санкции против мене, Петро Порошенко, лидерот на опозицијата и петти претседател на Украина“, рече Порошенко во соопштението.

„Денес Зеленски му зададе силен удар на внатрешното единство до кое нашиот тим строго се придржува од февруари 2022 година и кое е нашето главно оружје во борбата против агресорот“, рече тој.

„Целата одговорност за негативните последици е директно на него“, додаде Порошенко.

Зеленски во вчерашното вечерно обраќање рече дека учествувал на седница на Советот за одбрана и дека нивните одлуки ќе бидат објавени следниот ден.

„Ние ја браниме нашата земја и ја враќаме правдата. Секој што ја уништи националната безбедност на Украина и и помогна на Русија мора да одговара за своите постапки“, рече Зеленски, без да прецизира кој точно би можел да биде казнет и што значи тоа.

13.02.2025 - 11:27

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега