188 кг марихуана запленети на ГП Богородица - приведени две лица од Куманово и Тетово
На граничниот премин Богородица запленети се 188 килограми наркотична дрога марихуана која требало да заврши во Турција. Приведени се две лица од Куманово и Тетово.
Како што изјави денеска директорот на Царинската управа Бобан Николовски, двајцата возачи на 8 февруари влегуваат на Блаце со камион и на 9 февруари со истиот камион, едниот од нив од место меѓу Куманово и Паланка оди кон Богородица.
- На Богородица е извршена детална контрола на камионот при што меѓу компресирана рециклирана хартија во четири бали е пронајдена дрогата. Проценетата вредност на дрогата на црниот пазар изнесува 707 илјади евра.
- Царинската управа влезе во траг и спречи меѓународен канал за шверц на дрога. Во заедничка акција со Бирото за јавна безбедност на граничен премин Богородица се запленети 188 килограми и 636 грама наркотична дрога марихуана која требало да заврши во Турција. Две лица се лишени од слобода и против нив до Основното јавно обвинителство Гевгелија е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело по член 215 од Кривичниот законик, неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори. Овој случај е прв од многуте во иднина каде со заеднички сили ветуваме уште пожестока борба со криминалот, рече Николовски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа