Јаневска: Цените за студирање се намалени
Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска ќе има состанок со декани на факултети и претставници на студентите, на која ќе се разговара и за трошоците за запишување семестар на што реагира Универзитетското студентско собрание на УКИМ.
Во изјава за медиумите таа кажа дека секој ден е во комуникација со академската заедница, како што рече - не само за студентскиот стандард.
-Комуницирав со сите декани од УКИМ и цената е секаде спуштена на минимум. Некаде изнесува нула, некаде изнесува 2.000 денари за цела година. Освен на два факултета, каде што е навистина неопходно да се обезбедат дополнителни средства за подобрување на студиските програми. Денеска имаме состанок, ќе видиме како ќе заврши сето тоа, изјави Јаневска одговарајќи на новинарски прашања по отворањето на Клуб Иноваториум во Титан УСЈЕ.
Универзитетското студентско собрание при УКИМ (УСС-УКИМ) неодамна соопшти дека воведувањето дополнителни трошоци за материјални и онлајн ресурси на некои факултети не треба да бидат на товар на студентите и поради тоа побара итен состанок со министерката, со цел, како што наведе, „во најбрз можен рок дополнителните трошоци да бидат надоместени од државниот буџет, како што е предвидено согласно Законот“.
На прашање кога би профункционирал електронскиот индекс како најавен проект, Јаневска одговори дека е „можеби преамбициозно да биде на сите факултети“. Како што рече, „имаме добра шанса и важно е да почнеме, а потоа продолжуваме“.
Притоа посочи дека мобилната апликација за Е-дневник која МОН ја промовираше завчера, била попосетена и од апликацијата ТикТок.
-Изработена е од стручниот тим во МОН и со гордост го соопштувам тоа, додаде министерката.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа