Полиција во униформи и во цивил го обезбедува гробот на Гоце Делчев

 

Полицајци во униформи и во цивил се распоредени околу црквата „Св. Спас“ за да го обезбеди просторот и пристапот кон гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев од евентуални инцидентни состојби. Одлуката на МВР, која ја соопшти и самиот министер Оливер Спасовски, да не се дозволи каков било инцидент, е донесена откако извесна организација „Македонија“ од Бугарија најави масовно доаѓање на Бугари на 4 февруари на гробот на великанот, и откако Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ најави чување на гробот на Делчев со „целодневна херојска стража“.

Полицијата е присутна на терен најмалку два дена со цел да ги спречи најавите за самоорганизирано доаѓање на граѓани што може да предивика инциденти и судир меѓу групи Македонци и дојдени Бугари. Министерот Спасовски и отворено ги повика граѓаните „да не потпаѓаат под влијанието на Александар Пандов“ (претседател на Патриотскиот инситут).

На 4 февруари, денот кога пред 151 година е роден Делчев, на вечното почивалиште на револуционерот е најавено да се поклони државниот македонски врв, а засега не е најавено дали ќе има и бугарски државници, освен што е познато дека ќе има претставник од бугарската Амбасада.

Од таа организација „Македонија” од Бугарија која ја раководи извесен радикал  Виктор Стојанов, информираа дека „македонска полиција ќе ги чека на граница и ќе ги обезбедува за време на нивниот престој во Македонија“.

01.02.2023 - 15:41

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега