Почина актерот Трајче Ѓоргиев

 

Почина актерот Трајче Ѓоргиев, објави Македонскиот народен театар.

Роден е во Кочани на 28 јули 1967 година. Ѓоргиев дипломира на Факултетот за драмски уметности, Скопје, на отсекот за актерска игра, во класата на проф. Љубиша Георгиевски, во 1991 г. Дел е од МНТ повеќе од триесет години – започнувајќи од првата улога како Акаст во „Мизантроп“ (1989), преку вработувањето во 1998 г. до големиот број на оддиграни улоги. Во 2005 година ја режира и игра во петте пантомими за една глумечка претстава „Човекот” од Марсел Марсо и со неа се стекнува со титулата магистер по пантомима, на Академијата за театар и филм „НАТФИЗ” во Софија, Бугарија. Дел е и од „Театар за пантомима“, летна школа на Кенјон колеџ, Гамбир, Охајо, 2008 г., а посетува и едногодишни специјалистички студии по пантомима во класата на проф. д-р Александар Илиев, на „НАТФИЗ“, 2005 – 2006 г.

Основач е и главен двигател на ПАНФИЗ, меѓународниот фестивал за пантомима и физички театар, фестивал кој 16 години опстојува, ја анимира публиката, го поддржува и оддржува овој жанр во театарската уметност и ги донесе кај нас некои од најдобрите светски пантомимичари.

Трајче Ѓорѓиев ќе изјави: „Јас се трудев преку формата да се дојде до суштината … за мене лично формата како почетно зрно на креирање една улога, нека е и најкратка што може да биде, е еден пат, еден начин да се дојде до суштината.“ Тоа е таа суштина, таа креација, тоа зрно кое го донесе и носеше во себе: дали во форма на кажан збор, движење или режија. Тоа е она што ќе остане зад него како вечен спомен и пример.

Денот и времето за погребот и комеморација ќе бидат дополнително објавени.

03.06.2023 - 14:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега