По наводите на Марјан-Доказ, Хајрулахи поднел кривични пријави против двајца обвинители

 

Шефот на Вишото јавно обвинителство (ВЈО) Скопје, Мустафа Хајрулахи, во изјава на ТВ Канал 5, вели дeка поднел дисциплински и информација во форма на кривични пријави против двајца колеги, по тврдењата на сопственикот на порталот „Доказ М“, Марјан Стаменковски, за наводна инволвираност на обвинители во неговите текстови.

„По јавната седница, ми се чини на 17 мај, и откако сега осудениот Марјан Стаменковски, сопственик на порталот ‘Доказ’ ги обзнани информациите дека наводно некој од јавните обвинители во Вишото јавно обвинителство Скопје му брифирале за наводните случувања во Вишото јавно обвинителство Скопје, потенцирам, наводни случувања, јас како виш јавен обвинител на ова Обвинителство се обратив и побарав писмена информација од Основното јавно обвинителство, кадешто се води предистрага за финансиските средства на Стаменковски, кадешто се запленети мобилните телефони, компјутерите и веќе се извештачени. Побарав детална информација од страна на шефот на Јавното обвинителство Скопје и истиот ми одговори.Од информацијата која ја добив од страна на јавниот обвинител, после неколку дена поднесов предлог за дисциплинска одговорност против двајцата обвинители до Комисијата за утврдување на дисциплинска одговорност на јавни обвинители, а истовремено, со поднесената иницијатива до Комисијата, поднесов и известување во форма на кривична пријава до Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, се со цел да определи друго Основно јавно обвинителство, надвор од надлежноста на ВЈО. За едниот јавен обвинител поднесов пријава за можно сторено кривично дело – злоупотреба на службена положба и овластување, како и можно остварување на кривично дело за злоупотреба на лични податоци. За другиот јавен обвинител поднесов кривична пријава за злоупотреба на лични податоци. Кон моето известување до Јавниот обвинител на Северна Македонија поднесено е барање за времено оддалечување на еден јавен обвинител од вршење на функцијата јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство“,вели Хајрулахи за Канал 5.

Инаку, Марјан Стаменковски тврдеше дека обвинителот Сашо Рајчев и уште една виша обвинителка соработувале со него. Тој бараше изземање на Рајчев од постапување во предметот каде тој е осуден на единствена затворска казна од две години и шест месеци.

За изземањето одлучуваше републичкото обвинителство кое, сепак, пресече Рајчев да остане во предметот.

Рајчев тврдењата ги отфрли како невистинити нагласувајќи дека ниту се познава ниту на каков било начин некогаш контактирал со Стаменковски.

12.07.2023 - 19:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега