По 14 дена, ФЗО без одговори на најважните прашања за хакирањето на системот
Шестмина ИТ експерти се грижеле за целиот систем на Фондот за здравствено осигурување, а истовремено ангажирани биле и надворешни фирми. Ова го изјави Магдалена Филиповска-Грашковска, директорката на Фондот за здравствено осигурување на денешниот брифинг со новинарите, но не даде детали на прашањата зошто не се појавила во текот на овие 14 пред медиумите, дали и зошто Фондот го криеше нападот, како и зошто никој од ИТ експертите не е присутен на пресот за да даде одговор, за прашања од нивна надлежност. Единствениот одговор на директорката беше дека ИТ експертите не седеле со скрстени раце и дека истрагата е во тек.
„Сите ИТ експерти работеа на покренување на системот. Ангажиравме и меѓународни странски фирми кои деноноќно работеа на проблемите. За 14 дена имаме целосно функционален систем. Податоците на граѓаните не се загрозени и нема нивно одлевање. Приоритет беше платите да се исплатат, а апликациите и матичните броеви на граѓаните не се загрозени. За решавање на проблемот не се спомнуваат милионски суми. Системот се става во функција во моментов, но бидејќи се користат повеќе услуги во исто време тој често паѓа“, рече Филиповска-Грашковска.
На прашањето кој ќе поднесе морална одговорност и дали се предвидени оставки, директорката на фондот посочи дека не се чувствува виновна и дека е тука од првиот ден на нападот на оваа установа, работела во најголем дел од денот, па дури и во ноќните часови.
„Од првиот ден сум посветена на функцијата за подобри услови за граѓаните. Тука сум да поместиме работи кои со години не биле поместени. Во 2020/2021 година три пати неделно држев пресови и немам страв од новинари, како што не избегав ниту во теков на овие 14 дена“, порача таа.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа