Перински во Центар: Политичките разлики не се пречка за напредок во интерес на граѓаните
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, во рамки на иницијативата „Каде што срцето е дома“, денеска ја посети Општина Центар и одржа работна средба со градоначалникот Горан Герасимовски и членовите на општинскиот Совет. За време на средбата разговараа за активните проекти во општината, плановите за понатамошен развој на централното градско јадро, а акцент беше ставен и на тековните предизвици, како што се недостигот од паркинг места и проблемите со јавната хигиена, за кои беа разменети идеи и предлози за нивни системски решенија.
На средбата се дискутираше и за планираните измени на Законот за локална самоуправа, коишто, како што заклучија сите присутни, ќе се овозможи зголемување на отчетноста на градоначалниците, транспарентноста на општините, а ќе се обезбеди и поголема ефикасност на локалните власти, овозможувајќи им брзо и ефикасно решавање на голем дел од проблемите на терен со кои сега се соочуваат.
Перински на средбата посочи дека Министерството за локална самоуправа е фокусирано и кон поддршка на процесот за дигитализацијата на услугите на локалната самоуправа со цел создавање на модерни, дигитализирани општини кои ќе бидат поефикасни, поуслужни и подостапни за секој граѓанин.
Безрезервно, сите присутни на средбата, се заложија дека ќе продолжат со континуирана соработка со централната власт, со единствена и јасна цел, поквалитетно секојдневие на секој граѓанин.
Токму, проектот за реконструкција на спортската сала „Работнички“, која се реализира со средства од државниот буџет, ја потврдуваат нивната соработка и заедничките напори. Овој проект, кој е одобрен на првиот владин повик за поддршка на општински проекти е доказ дека независно од политичките определби, сите инволвирани треба да бидат фокусирани на потребите на граѓаните и напредокот на општините.
Перински и Герасимовски беа децидни дека за нив политиката не е и нема да биде пречка за развој на општината, политичките разлики се лесно надминливи, доколку посветено и искрено се работи во интерес на конкретни решенија за подобро утро на секој граѓанин.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа