Пендаровски за случувањата на Онкологија: Го разбирам гневот на граѓаните кои повикуваат на мирни протести

 
И првиот човек на државата, претседателот Стево Пендаровски се огласи во врска со случувањата на Онкологија, за сомнежите за злоупотреба на терапиите за лицата болни од рак. Пендаровски во својот став наведува дека се фрапантни и згрозувачки информациите за овој скандал. Наведува дека нашиот здравствен систем потфрлил, со што е изгубена довербата кон докторите.
 
„Фрапантни и згрозувачки се јавно достапните информации за сомнежите за злоупотреба на терапијата за лицата болни од рак. Наместо на тие лица соочени со најтешката дијагноза да им пружи целосна поддршка и заштита, здравствениот систем очигледно потфрлил, со што е изгубена довербата не само кај тие болни, туку е доведен во прашање и квалитетот на лекување на секој иден пациент.
Во насока на целосно расчистување на оваа огромна афера, ги поздравувам до сега преземените дејствија од страна на Јавното Обвинителство и Министерството за внатрешни работи. Во исто време повикувам на брзо и ефикасно комплетирање на истрагата и на судско-обвинителско процесуирање без селективност и соодветна казна за сите за кои ќе биде докажано дека сториле тешки дела против здравјето на луѓето.
Крајно време е системот да потврди дека сме способни во пракса, а не само со зборови да се справуваме со тешките облици на организиран криминал и корупција и конечно да ја прекинеме културата на неказнивост за сериозни прекршувања на законите.
Никогаш нема да бидеме вистинскко европско општество со одолговлекување на судските постапки и отсуство на лична одговорност. За здраво општество ни треба правна држава во пракса, не на хартија“, стои во објавата на претседателот.
 
Во последниот дел од својата изјава наведува дека потполно го разбирал гневот на граѓаните кои повикуваат на мирни протести, барајќи одговорност од оние кои заработувале на маките на најтешко болните наши граѓани.

04.09.2023 - 09:40

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега