Пендаровски: Немаме солидни реформи во правосудството - да се направи прочистување на судиите
Говорејќи за борбата против корупцијата во нашата земја, особено во судството, претседателот Стево Пендаровски вечерва во емисијата „Само интервју“ на телевизијата Канал 5 потсети дека пред неколку години го поддржал ставот на Европската Унија дека нашата држава не треба да направи комплетен ветинг на судиите, имајќи го предвид примерот на Албанија каде преку тој процес поминале само 40% од судиите и обвинителите.
„Од овој аспект кога гледам дека не се помрднуваме напред и тоа децидно е наведено во извештајот на Европската комисија, кога гледам дека немаме напредок велам можеби е подобро да имаме 40% судии со образ и да немаме целосно составени органи – да ги досоставуваме, да ги допополнуваме со судии и со обвинители, отколку да имаме судство и обвинителство за кои гледате какви се ефектите, за кои велат дека се канцер на општеството“, истакна претседателот Пендаровски.
Во оваа насока претседателот Пендаровски посочи дека години наназад Северна Македонија не успеа да ги имплементира реформите во правосудниот систем.
„Процесот на прочистување на судии и обвинители ќе ни земе минимум три до четири години, ќе не остави со половина судии помалку, а можеби и тоа е некаков почеток бидејќи сите други варијанти – имаме нов Кривичен законик, па реформи, па нови реформи, па реформи на реформите, не доведоа до овде“, заклучи претседателот Пендаровски во вечерашното интервју на Канал 5.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа