Партиите со различни ставови за државниот грб

 

Откако премиерот Христијан Мицкоски завчера најави дека партиите од владејачката коалиција ВМРО-ДПМНЕ и Вреди го отвориле прашањето за промена на државниот грб, вчера политичките партии изразија различни ставови.

За опозициската СДСМ, државниот грб ги отсликува сите карактеристики на ова поднебје и нема потреба од негова промена, а од ЛДП предложија поставување на рисот на новиот грб, како препознатлив вид, карактеристичен за државата. Од Беса, која е коалициски партнер во Владата, велат дека поддржуваат секакви промени на Уставот, со кои ќе се менуваат државните симболи поврзани со минатиот општествено-политички систем.

Мицкоски во средата во изјава за медиумите рече дека ние сме една од двете постсоцијалистички држави што се уште го имаат стариот државен грб, со некои мали модификации. 

Од опозициската СДСМ најавија дека остро ќе се спротистават на ваквата иницијатива. Лидерот на СДСМ Венко Филипче вчера на прес-конференција го рече дека државниот грб хералдиски ги отсликува сите карактеристики на ова поднебје. Според него, ова е уште еден од низата ненајавени и испланирани предлози на ВМРО-ДПМНЕ што се повторува од претходно. 

- Тоа е еден предлог што сега се повторува. Да потсетам дека тој предлог беше на маса пред повеќе години за време на минатата влада, кога беа во коалиција заедно со ДУИ. Тогаш беше дел од еден пакет на мерки што требаше да се донесе. Конкретно сметам дека првата дилема што се поставува е дали можеби внатре во коалицијата со ВЛЕН, давајќи го овој предлог за измена на државниот грб, не се разговара и за измена на химната. И тоа е нешто на што ВМРО-ДПМНЕ треба да одговори, рече Филипче.

Ставот на Беса, која е коалициски партнер во Владата, е дека поддржуваат секакви промени на Уставот, со кои ќе се менуваат државните симболи поврзани со минатиот општествено-политички систем.

- Јас впрочем во еден претходен мој јавен настап сум кажал дека и една од целите за именување на улиците во градот Тетово беше тоа што уште стои наследството од минатиот систем, што е и образложението на премиерот во делот на менување на грбот на државата. Ние сме подготвени да разговараме за еден пакет на уставни измени, каде што наместо наследството од претходниот систем ќе рефлектира сегашното ориентирање на државата кон Европската Унија. Ние сме подготвени да разговараме сигурно дека тоа ќе биде и јавен транспарентен процес, изјави вчера лидерот на Беса, Биљал Касами.

За ваквата иницијатива вчера се изјаснија и од Либерално-демократската партија (ЛДП), од каде предложија рисот како карактеристичен вид на државата да биде поставен на новиот грб. Според партијата „тоа е симбол кој со ништо нема да потсетува на било која соседна држава и да создаде проблеми.

-Прифатлива е само уникатност, посебност, новина, свежина, иднина и заштита на своето - како што е Балканскиот рис, кој потекнува од Шар Планина, е ретко и заштитено животно, и е еден од нашите национални државни симболи. Предлагаме општо прифатливо решение. Бидејќи доколку сите се водиме од своите партиски обележја или позиции, ЛДП би се придржувала до македонската флора и фауна и би предложила поставување на соколот како уникатен македонски симбол и дел од нашиот македонски фолклор. Покрај тоа што во Македонија живеат 9 посебни видови на соколи, во нашата народна музика со гордост се опева соколот кој пие вода од нашиот Вардар, песна која е и химна на партијата, истакнаа од ЛДП.

Идејата за промена на државниот грб потекнува од 2014 година, кога владата на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Никола Груевски, излезе со таков предлог. Предложеното решение тогаш беше за црвен лав на златно-жолта заднина во форма на штит, како и круна во горниот дел во форма на тврдина.

Тогаш ДУИ се согласи на ваков државен грб, нагласувајќи дека лавот е дел и од албанската традиција, а го има и во грбот на градот Тирана. Круната, пак, рекоа, го претставува Скопското кале.

Грбот на Република Македонија е усвоен на на 16 ноември 2009 година, со донесување на Законот за грб и знаме на Република Македонија (Службен весник бр 138 од 17 ноември 2009 година). Всушност, тогаш се отстрани црвената петокрака ѕвезда од грбот на Народна Република Македонија од 1946 година.

Актуелниот државен грб претставува поле опкружено со житни класје кои се поврзуваат на врвот, испреплетено со плодови од афион и тутунови лисја, што се поврзани на дното со лента прошарана со народни мотиви. Среде во полето се оцртува планина во чие подножје тече река, а зад планината изгрева сонце.

Авторството на грбот му се припишува на Василије Поповиќ – Цицо, кој веројатно е авторот на ликовното решение на претставата на грбот од законот. 

 

14.02.2025 - 08:03

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега