Османи: Вториот бран потекнува од социјално групирање, не од верските објекти

Овој втор бран претставува директна последица на ослободувањето на луѓето од стравот за штетата која коронавирусот ја нанесува, смета вицепремиерот и шеф на кризниот штаб, Бујар Османи во интервју за Прес24, во кое посочува дека Македонија ја загубила борбата со лажните вести и наменската пропаганда по прашањето на КОВИД19, па затоа сега има поразувачки резултати во јавното мнение дека вирусот не постои, или дека не е опасен, дека се работи за заговор итн.

-Никој не ги обвинува граѓаните во целина, напротив, граѓаните при справувањето со првиот бран покажаа висок степен на дисциплина и толеранција.  Но како што реков, под притисок на социолошката и психолошка апатија предизвикана од долгите карантини и мерки за социјална дистанца, кај голем број од граѓаните се создаде подготвеност да ги прифатат теориите на заговор, лажните вести кои, пак, придонесоа некој од нив да се ослободат од стравот, и потоа да почна да се однесуваат неодговорно, најпрво кон себе. Тоа јасно го покажуваат и кластерите кои ги следиме и кои покажуваат дека се работи за семејни собири, погреби, свадби и други групни настани, каде луѓето споделувале храна, се поздравувале, одржувале близок контакт итн, вели Бујар Османи во интервјуто за Прес24.

Одговорно тврди дека не постојат никакви разногласија на релација Комисија за заразни болести-Кризен штаб-Влада и дека сите препораки се максимално испочитувани и спроведени.

-Јас сум доктор, колегата Филипче е исто така доктор, ние сме едуцирани, можам да кажам, воспитани да ги следиме научните принципи кога носиме одлука. Нашата професија е таква да не трпи импровизации, туку работа под строги протоколи и примена на научни методи и достигнувања. Но имајте предвид, секоја препорака на Комисијата треба да се преточи во конкретна политика, имајќи ги предвид состојбите, можностите и последиците од тие политики. Да бидам јасен, сите граѓани имаат некакви препораки за тоа како треба да се однесува државата, па некои бараат целосно ослободување и секој да се грижи за себе, а некои бараат и за најмало прекршување на препораките државата да апси и да ги полни затворите. Знам дека кризата предизвикува нетрпение и нервоза, но имплементацијата на политиките претставува комплексен процес кој не можете да го штелувате како во видео игра, туку морате многу внимателно да ги предвидувате општествените процеси и текови, вели Османи во интервјуто.

Иако во јавноста се наметна перцепција дека една од причините за повторното ширење на вирусот се калкулациите со верските заедници, Османи во интервјуто одговорно тврди дека посетите на Џамиите најмалку придонесоа кон ширењето на вториот бран.

еројатно истото тврдење би можел да го кажам и за посетите на било кои религиски храмови. Кога верник оди во Џамија тој не оди на забава, веселба, туку оди во тишина да се спои со бога. Тогаш и најтемпераментните индивидуи се однесуваат примерно и ги почитуваат сите протоколи кои муфтиите ги имаат препорачано. Друго е одесувањето подоцна кога верниците се ослободени од правилата на религиските храмови, па во домашна атмосфера, со блиските, со пријателите, роднините итн., споделуваат храна, се дружат, социјално не се дистанцираат итн. Јасно е по кластерите дека вториот бран потекнува од социјалните групирања кои за жал се појавија на многу места, вели шефот на кризниот штаб во интервјуто.

Вицепремиерот Османи и за одржувањето на изборите и ризикот со вирусот, како и за мотивите за идејата на ДУИ, за Премиер Албанец. Османи смета дека на изборниот мегдан треба да излезат сите политички партии, но не прецизира дали ДУИ ќе оди на избори во случај ВМРО-ДПМНЕ да ги бојкотира.

Не очекувам да се доведеме до таква дилема, и затоа активно работиме да се обезбеди севкупна политичка одлука за учество на изборите, вели Бујар Османи, Вицепремие за евроинтеграции, во интервју за Прес24.

ПРЕС24: Како шеф на кризниот штаб за справување со Ковид 19, како го оценувате целиот овој процес. Имавме еден подолг период од речси три месеци во кој државата усепа да за задржи пандемијата, но еве сега десетина дена сме во една сосема спротивна фаза?

 

ОСМАНИ: Нема дилема дека земјата ја зафати втор бран на ширење на пандемијата, кој по интензитет најмалку е ист како и првиот. Како координатор на локалните кризни штабови бев постојано на терен, и сметам дека сериозноста, упорноста кои ги демонстрираа локалните кризни Штабови вроди со исклучително успешен резултат. Само да потсетам, правата локална трансмисија ја имавме во Дебар и Жупа, и со примена на рестриктивните мерки коронавирусот беше елиминиран од тоа подрачје. Слични резултати подоцна постигнавме и во Куманово, Липково, Струга инт. Сакам да кажам дека локалните кризни штабови во рамките на првиот бран си ја вршеа својата улога и можам само да ги пофалам градоначалниците и нивните тимови, а секако и здравствените работници и полицијата во тие места.

Овој втор бран претставува директна последица на ослободувањето на луѓето од стравот за штетата која коронавирусот ја нанесува. Често повторувам дека ја загубивме борбата со лажните вести и наменската пропаганда по прашањето на КОВИД19, па денес имаме поразувачки резултати во јавното мнение дека вирусот не постои, или дека не е опасен, дека се работи за заговор итн.

ПРЕС24: Главната вина здравствените авторитети ја префрилија кај граѓаните, кои не ги почитувале мерките и кон институциите задолжени за санкционирање. Може ли да биде тоа главната причина за ова зголемување на бројот на новозаразени?

ОСМАНИ: Казнениот систем постои за да се изолираат исклучоците кои ги прекршуваат востановените правила, а не за да го смените општото однесување на граѓаните. Не можете вие да го контролирате секој метар квадратен, да ги контролирате граѓаните како се однесуваат дома, дали ги мијат рацете, дали внимателно ги ставаат маските итн. Никој не ги обвинува граѓаните во целина, напротив, граѓаните при справувањето со првиот бран покажаа висок степен на дисциплина и толеранција.

Но како што реков, под притисок на социолошката и психолошка апатија предизвикана од долгите карантини и мерки за социјална дистанца, кај голем број од граѓаните се создаде подготвеност да ги прифатат теориите на заговор, лажните вести кои, пак, придонесоа некој од нив да се ослободат од стравот, и потоа да почна да се однесуваат неодговорно, најпрво кон себе. Тоа јасно го покажуваат и кластерите кои ги следиме и кои покажуваат дека се работи за семејни собири, погреби, свадби и други групни настани, каде луѓето споделувале храна, се поздравувале, одржувале близок контакт итн.

ПРЕС24: Покрај ова, претседателот на Комисијата за заразни болести, докторт Караџовски, на последната прес конференција прстот го впери и кон Кризниот штаб. Попрецизно рече, Комисијата носела идеални мерки, но Кризниот штаб носел други одлуки. Чинам, алудираше на карантинот за време на Рамазан. Се согласувате со овој став на доктор Караџовски?

ОСМАНИ: Одговорно тврдам дека посетите на Џамиите најмалку придонесоа кон ширењето на вториот бран, веројатно истото тврдење би можел да го кажам и за посетите на било кои религиски храмови. Кога верник оди во Џамија тој не оди на забава, веселба, туку оди во тишина да се спои со бога. Тогаш и најтемпераментните индивидуи се однесуваат примерно и ги почитуваат сите протоколи кои муфтиите ги имаат препорачано. Друго е одесувањето подоцна кога верниците се ослободени од правилата на религиските храмови, па во домашна атмосфера, со блиските, со пријателите, роднините итн., споделуваат храна, се дружат, социјално не се дистанцираат итн. Јасно е по кластерите дека вториот бран потекнува од социјалните групирања кои за жал се појавија на многу места. 

ПРЕС24: Во овој период имаше доста обвинувња кон верските заедници, Вие во една прилика застанавте во нивна одбрана, во смисла да прекинат нападите. Факт е дека имаше верски настани, но и црквите и џамиите на еден или друг начин во овие три месеци беа затворени. Ифтари и литии имаше во сите држави на Балканот, па таму состојбата не ескалираше. Што всушност ни се случува овде?

ОСМАНИ: Тоа беше во времето на спласнувањето на првиот бран, кога се создаде една погрешна перцепција дека самите верници претставуваат закана за колективното здравје, при што, безмалку верниците во јавноста беа шиканирани како да се криминалци. Се работеше за една специфична состојба кога оваа хистерија на напади се закануваше да предизвика еден вид трка меѓу најголемите верски заедници, за тоа која ќе се однесува похрабро, како да се работи за некакво себедокажување за тоа кој е поголем верник. Тоа се опасни тенденции и сметав дека морам да реагирам, иако бев свесен дека тоа претставува политички ризичен чекор. Во Струга, заедно со локалниот кризен штаб успеавме на иста маса да ги седнеме и локалниот муфтија, и локалниот предводник на православната црква, и низ еден продуктивен и сериозен разговор ги утврдивме заедничките интереси да ги заштитиме сите верници од коронавирусот, без да дозволиме некаков меѓусебен религиски натпревар кој ќе ги изложеше токму верниците на удар. Успеавме во тоа и оттогаш во Струга немаше автентични нови кластери, туку само неколку донесени од локаните општини кои брзо беа ставени под контрола.

ПРЕС24: Има ли разногласија во поглед на одредени мерки, начин како да се дејствува понатума на релација Влада – Кризен Штаб – Комисија за заразни болести?

ОСМАНИ: Верувајте дека како Влада практично ги копираме препораките на Комисијата и ги преточуваме во политики. Јас сум доктор, колегата Филипче е исто така доктор, ние сме едуцирани, можам да кажам, воспитани да ги следиме научните принципи кога носиме одлука. Нашата професија е таква да не трпи импровизации, туку работа под строги протоколи и примена на научни методи и достигнувања. Но имајте предвид, секоја препорака на Комисијата треба да се преточи во конкретна политика, имајќи ги предвид состојбите, можностите и последиците од тие политики. Да бидам јасен, сите граѓани имаат некакви препораки за тоа како треба да се однесува државата, па некои бараат целосно ослободување и секој да се грижи за себе, а некои бараат и за најмало прекршување на препораките државата да апси и да ги полни затворите. Знам дека кризата предизвикува нетрпение и нервоза, но имплементацијата на политиките претставува комплексен процес кој не можете да го штелувате како во видео игра, туку морате многу внимателно да ги предвидувате општествените процеси и текови.

ПРЕС24: Зошто Владата не одлучуваше по последниот предлог на Комисијата за воведување полициски час од 22 до 05 часот?

ОСМАНИ: Затоа што се покажа дека полицискиот час не ги спречува граѓаните социјални да се дружат и да се собираат, напротив, создава една психоза за времетраењето на слободниот дел од денот, кој создава впечаток дека треба максимално да се искористи и за дружење, за набавки итн. На крајот на краиштата, ние не можеме постојано да живееме под притисок на полицискиот час, туку мора полека да се навикнуваме да живееме на дистанца која нема да ни ја наметнува полицијата, туку секој од нас ќе го разбуди полицаецот во себе. Имајте предвид, вирусот е тука и ќе остане долго време, и ако очекуваме полицијата да нè чува самите од себе - ќе останеме во огромна заблуда. Граѓаните мора да ги убедиме во силината и присутноста на вирусот и тоа е единствениот начин да се справиме со епидемијата.

ПРЕС24: Што станува со границите?

ОСМАНИ: Целиот регион активно се подготвува за отворање на границите. Тоа е дел од една заедничка иницијатива, прво на сите соседи, а потоа и заедничка политика на Европската Унија. Западниот Балкан веќе е исклучен од поголем број рестрикции кои Унијата ги воведува за трети земји, а во оваа смисла границите на Унијата ќе бидат отворени за нашите граѓани на 1 јули. Тоа не значи дека и во земјите - членки вриусот е елиминиран, или епидемијата не е присутна, туку тоа значи дека сите земји почнуваат да создаваат политики на навикнување на епидемијата и враќање во т.н. нова нормалност во која ќе можеме да комуницираме практикувајќи мерки на социјална дистанца и самозаштита.

ПРЕС24: Оценките на задравствените авторитети е дека над 90 проценти од новодијагностицираните случаи се асимптоматски. Сакам да ве прашам и како лекар, не само како претставниок на државата. Македонија користи модел на двојни тесторања, односно за оздравени ги води лицата кои имаат два поедователни негативни теста во период од 14 дена. Некои од државите тој модел го напуштија. Зошто мора да се чекаат два теста, ако се има превид дека речиси и да нема случај во статистика кој на првиот тест бил негативен, на контролен да биде позитивен?

ОСМАНИ: Прво и основно - затоа што е тоа правилно и затоа што така налага науката, а не политиката. Ако ние ги ослободиме цврстите мерки при тестирањето, наеднаш ќе се појават огромен број излечени, како што беше кај некои соседи. Таква препорака од Комисијата, од експертите немаме добиено и затоа ги спроведуваме протоколите со кои сме сигурни дека не правиме грешка.

Од друга страна, постоењето на голем број асимптоматски случаи не ги исклучува симптоматските кои ги полнат клиниките и од кои секојдневно сме сведоци дека има и починати. Вирусот е тука, тој е опасен, тој убива неселективно и не треба никој да очекува дека е предодреден асимптоматски да ја помине болеста и тоа да му дава храброст да се однесува неодговорно.

ПРЕС24: Според послената Уредба со законска сила донесена во средата, сосема е јасно дека изборите ќе бидат 22 дена по завршувањето на вонредната состојба. Дали дефинитиовно тоа е 5 јули?

ОСМАНИ: Уредбата е таква, и ако нема продолжување на вонредната состојба, Претседателот на собранието ќе треба да го закаже новиот датум. Но да бидеме трпеливи, сè уште немаме конечна одлука дека вонредната состојба нема да ја продолжиме, затоа што вториот бран е очигледно во залет и додека не бидеме сигурни дека изборите нема да претставуваат посебно загрозување по здравјето на луѓето ние мораме да бидеме внимателни и претпазливи. Да се разбереме, ние сме во многу сериозна и комплексна ситуација. Ние немаме функционален парламент, немаме ниту функционална Влада, туку имаме техничка Влада од пржински карактер, чија улога е да спроведе избори, а не да води политики или уште помалку, да се справува со пандемијата. Само за илустрација, во неколку клучни министерства вие имате политички дуализам во владеењето, имате врзани потписи, а поделбата на ресорите предизвикува политички натпревар наместо функционалност. Тоа нè упатува дека наскоро може да се појави и институционална и политичка криза, која би било крајно неодговорно од нас да дозволиме да се случи. Оваа состојба ни е наметната и мораме да најдеме начин да ја ослободиме државата од овој политички јазол за да ѝ овозможиме функционалност која ќе обезбеди поголема ефикасност и во справувањето со пандемијата. Ако на тоа ги додадам и предизвиците на преговорите со Европската Унија кои ги чекаме наесен, би било несериозно од нас ако пропуштиме истите да ги дочекаме со политички стабилна Влада, уште полошо, во некаква нова политичка или институционална криза.

ПРЕС24: Кој е ставот на ДУИ за одржувањето на изборите, надвор од онаа флоскула дека здравјето на граѓаните е пред се. Тоа е секако важно за сите?

ОСМАНИ: Значи проценка за која вложуваме многу напор е да оцениме дали можеме да ги организираме изборите на начин кој нема во ништо повеќе да се разликува од секојдневните активности на луѓето кои и сега ги обавуваат, како што се пазарењето по супермаркети, или обавувањето на професионалните обврски. Тоа би значело строги протоколи во процесот на гласање, кои, доколку се спроведуваат, ќе значат 100% заштита за гласачите и нивно слободно изразување на политичката волја.

Но покрај овие епидемиолошко - здравствени услови, секако дека ние инсистираме договорот за изборите да биде прифатена од сите, да учествуваат сите релевантни политички субјекти со полн капацитет, затоа што Република Северна Македонија е веќе сериозна држава - земја која ги почнува преговорите, и никаква политичка криза во моментов не може да ни донесе ништо паметно.

ПРЕС24: Ќе оди ли ДУИ на избори без учество на ВМРО-ДПМНЕ?

ОСМАНИ: Не очекувам да се доведеме до таква дилема, и затоа активно работиме да се обезбеди севкупна политичка одлука за учество на изборите. Имајте предвид дека како земја, практично преговарач, ние сме веќе внатрешно прашање на Унијата и затоа не треба да нè зачудува што на пример по ова прашање со свој придонес се вклучи и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, како јасен потсетник дека партиите мора да имаат одговорност и кон европските интеграции на земјата. Очекувам дека нема да се доведеме до таква дилема и дека ќе имаме функционални и компетитивни, секако и фер и слободни избори.

ПРЕС24: Ајде малку за идејата Албанец за Премиер на Македонија. Зошто?

ОСМАНИ: А зошто да не? Зарем не се созреани условите да се разбие и последното политичко табу кое создава стереотипи за мононационално политичко предводење на Република „Северна“ Македонија. Ова не е ад-хок решение на ДУИ, ниту евтина политичка понуда во пресрет на изборите, и тоа мислам дека полека им станува јасно на сите. Албанците иако одамна не се малцинство во земјава, сепак се немнозинска заедница која е под постојана закана за мајоризација во политиката, иако за тоа се веќе создадени механизми и преседани со кои таа можност е ограничена. Но, тоа не значи дека сè уште не постојат општествени и политички стереотипи за кои имаме обврска да работиме да ги отстраниме. Кршењето на ова табу во овој момент создава непријатност кај македонската заедница, иако всушност се работи за политички преседат кој само ќе го засили унитарниот карактер на државата, зголемувајќи ја дополнително довербата на најголемата немнозинска заедница.

ДУИ е сериозна партија која оваа политика ја спроведува 18 години. Пред 2001 година беше реткост да се види полицаец - Албанец, или припадник на Армијата - Албанец, за низ текот на овој период да видиме и Министри за внатрешни, за Одбрана - Албанци, а еден од поважните преседани беше и изборот на Талат Џафери за Претседател на Собранието. И во развојна смисла не се работи за некакво инстант - постигнување, туку напротив, за еволутивно зреење во изминативе 18 години - период во кој мислам дека се создадоа и условите за избор на првиот Премиер - Албанец.

ПРЕС24: Како мислите дека е возможно да се реализира оваа идеја, ако се има предвид моделот на избори, моќта на двете најголеми партии и јасниот концепт дека победникот го дава мандатарот?

ОСМАНИ: Мандатарот го дава оној кој ќе обезбеди мнозинство во Собранието, без разлика дали се работи за партијата која има освоено најмногу гласови. Тоа е и суштината на парламентарната демократија која упатува на создавање заеднички коалиции, водење на политика на компромиси, каде многу често Премиерот е производ на политичко усогласување. Ако албанските гласови застанат зад оваа идеја и испорачаат пристоен број пратеници Албанци; ако избраните пратеници - Албанци застанат зад оваа идеја, ќе стане политички тешко, да не речам неостварливо за партиите на етничките македонски партии да демонстрираат тесен национализам и да не прифатат пристојно политичко усогласување при формирањето Влада која би ја предводел Премиер - Албанец.

ПРЕС24: Има и една друга логика. Можно ли е ДУИ да препознава на повидок политичка криза по изборите, а себе си како фактор за решение на таа криза?

ОСМАНИ: Јас сум Вицепремиер задолжен за европски прашања, јас сум предводник на Секретаријатот за европски прашања, и Главен преговарач со Европската Унија. Мојата политичка преокупација се европските и евроатлантските интеграции и тие се најважниот политички приоритет за земјава. Членството во НАТО го завршивме, но се наоѓаме на чекор до стартот на преговорите, најважната и најобемната административно - политичка операција која треба да обезбеди дополнителна европеизација на секоја клетка од нашето општество. Ако нешто не ѝ треба на оваа држава во овој момент, тоа е политичка криза. Напротив, ни треба пошироко обединување, еден вид наднационален и надпартиски консензус за европските интеграции на земјава поддржан и од власта и од опозицијата. Идејата за премиер Албанец не предвидува, ниту посакува претходно да има политичка криза, туку оваа идеја има карактер да ја зацврсти довербата прво во државата, а потоа и довербата меѓу големите етнички заедници. Овие две работи одат рака под рака заедно.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

13.06.2020 - 10:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега