Османи во Брисел за завршниот скрининг состанок помеѓу ЕУ и Северна Македонија и за Самитот ЕУ-Западен Балкан
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи ќе престојува во работна посета во Брисел, каде што заедно со Заменик претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ ќе учествува на билатералниот скрининг помеѓу Европската Комисија и Северна Македонија за Поглавјето 31 – Заедничка надворешна и безбедносна политика, со што се означува и завршувањето на скрининг процесот кој започна минатата есен.
На агендата на Османи е и Самитот ЕУ-Западен Балкан, во организација на бриселската реномирана тинк тенк организација Friends of Europe.
На сесијата насловена “Проширувањето на ЕУ: новата геополитичка неопходност” покрај Османи, со свои обраќања ќе учествуваат и министрите за надворешни работи на Албанија и Црна Гора, Игли Хасани и Маида Горчевиќ, специјален претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак, генералниот директор на Европската комисија за соседство и преговори за проширување, Герт Јан Купман, генералениот секретар на Советот за регионална соработка, Мајлинда Брегу, амбасадорот на САД во Србија, Кристофер Хил како и поранешниот еврокомесар за проширување, Штефан Филе.
За време на престојот во Брисел, Османи ќе оствари и билатерални средби и разговори со свои колеги од регионот како и високи претставници на Унијата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа